Балканленд

„Цветај мимозо мала“ – новата песна на Жељко Самарџиќ со силна лична приказна (Видео)

Регионалната музичка легенда Жељко Самарџиќ повторно допира до срцата на публиката со својата најнова песна „Цветај мимозо мала“ – композиција која не е само музика, туку вистинско патување низ спомените, емоциите и животот.

Оваа нежна и поетична песна носи силна симболика – мимозата како цвет што пркоси на зимата, станува метафора за љубовта, надежта и вечната младост. Истовремено, таа прераснува во вистинска химна на Празник на мимозата, внесувајќи дух на медитеранска топлина и радост. Инспирацијата за песната доаѓа од длабоко лични спомени на Самарџиќ, кои го водат назад во неговото детство во Херцег Нови. Сликите од безгрижните денови, мирисот на мимозите, детските игри и семејната топлина оживуваат низ секој стих.

Особено емотивен момент кој го одбележал неговиот живот е средбата со нобеловецот Иво Андриќ. Како што раскажува Самарџиќ, токму на инсистирање на неговата мајка, тој тогаш запеал пред големиот писател – спомен кој останал длабоко врежан и денес добива нова форма преку музиката.

„Додека ја снимав песната, пред очи ми минуваа слики од моите родители, детството, училиштето и времињата кога се градеше Јадранската магистрала. Се сетив на деновите кога беревме мимози и јадевме пињоли. Тоа е мојот Херцег Нови“, вели Самарџиќ.

„Цветај мимозо мала“ не е само љубовна песна – таа е ода на животот, на корените и на спомените што не избледуваат. Со препознатливиот топол вокал, Самарџиќ уште еднаш покажува дека вистинската музика не старее – таа живее, дише и останува.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: