Балканленд

„Господски“ во Скопје: Новинарите му запеаа на Владо Георгиев – а тој остана без зборови

Вчерашниот ден во Скопје не помина како обичен априлски ден – барем не за новинарите и љубителите на добрата музика. Регионалната ѕвезда Владо Георгиев реши да ја „разниша“ класичната форма на прес-конференција и наместо стандардно „прашање-одговор“, приреди нешто што повеќе личеше на кафе муабет со друштво кое случајно има диктафони.

Поводот? На сите добро познат. Неговиот претстоен концерт на 24 април во СЦ „Јане Сандански“, но реално – тоа беше само изговор за една поинаква средба.

Во опуштено друштво со својот ПР домаќин – Антонио Димитриевски, Владо отвори теми што одамна не се „модерни“ – вредности, манири, почит, култура… Турнејата „Господски“, како што самиот објасни, не е само музички проект, туку и мала борба против денешното „ново нормално“, каде што, според него, вистинските вредности се ставени на пауза.

„Ништо веќе не е свето, ништо не е господски“, искрено заклучи Георгиев, без филтри и без сценарио. И токму кога сите мислеа дека средбата ќе заврши со уште едно класично ракување и „се гледаме на концерт“, следуваше момент кој никој не го очекуваше. На предлог на ТВ водителката Милена Антовска-Станковска – микрофонот остана кај новинарите. И… почна песна. Но не од Владо. Туку за Владо. Новинарите, кои до пред неколку секунди беа сериозни и подготвени со прашања, одеднаш се претворија во хор. Со ентузијазам, малку трема и многу мерак – му запеаја на човекот чии песни со години ги слушаат.

А реакцијата? Чиста – и бесценета. Изненаден како дете што првпат гледа снег, Владо го извади телефонот и почна да снима, не криејќи ја насмевката.

„Ова првпат ми се случува… јас сум пеел пред новинари, ама тие мене – никогаш!“, призна тој. И токму тука, без сценарио, без протокол и без „официјален крај“, се случи најавтентичниот момент на целиот настан. Ако ова беше само загревање… тогаш 24 април ветува вечер која нема да биде „обична свирка“, туку – господска приказна во живо.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: