Имам нешто да те прашам

Благојче Тодоровски: Следната 2026 година подготвуваме нешто таинствено и многу убаво за нашата публика (Фото+Видео)

Во нашето второ новогодишно интервју на Музика24, ви го претставуваме момчето кое ја освојува македонската сцена со брзина поголема од празничните лампи кои трепкаат на плоштадите – Благојче Тодоровски, симпатичниот, шармантниот и тотално неодолив вокал на групата Здраве Мјузик.

Иако има само 19 години, зад себе веќе брои настапи и фестивали колку што ние броиме подароци под елка. Музичката сцена навистина добива нова свежина со него – енергија, стил и глас што веднаш го препознавате и уште побрзо го засакувате. Како вокал на групата Здраве Мјузик, Благојче носи вистински „здрава“ музичка вибрација: динамичен, полн со емоција и секогаш подготвен да ја запали атмосферата, без разлика дали е фестивал, настап или новогодишен спектакл.

Секој негов настап е мала музичка приказна во која тој ја внесува својата страст – и затоа публиката едноставно не може да остане рамнодушна. Ајде реално, кога ќе се појави на сцена, сите погледи се насочени кон него – и не без причина!

Што Благојче одговори во нашето новогодишно интервју, бидете трпеливи, и прочитајте го до крај целото интервју со него.

Музика24: Доколку се навратите наназад и направите резиме на изминатата година, кој момент или остварување би го издвоиле како најзначаен и најголем професионален успех во 2025 година?

Благојче Тодоровски: Оваа година ми донесе повеќе важни моменти, но најголемото остварување беше што успеавме да направиме преработка на една стара македонска песна песната “Гори Балкан”. Со таа преработка постигнавме убави резултати на музичката сцена.

Музика24: Според Ваше професионално мислење, кој музички проект, песна или изведувач/изведувачка ја одбележа 2025 година, и кои според Вас се клучните фактори што придонесоа токму тој избор да доминира на музичката сцена оваа година?

Благојче Тодоровски: Неможам да кажам точно (се смее).

Музика24: Со оглед на тоа што се наближуваат новогодишните и божиќните празници, како Вие лично се подготвувате за празничната еуфорија и за дочекот на Новата година? Дали постојат некои традиции, навики или мали ритуали кои секогаш ги практикувате – како избор на подароци за најблиските, празничен шопинг, подготовка на специјални јадења или нешто што го правите само за себе? Што е тоа што Ви е неизбежен дел од предновогодишната атмосфера? И дали Ви е блиска таа магична, бајковита атмосфера која ја носи празничниот период?

Благојче Тодоровски: Па во последните 3 години за време на овие прекрасни празници јас се некаде настапувам и неможам да го поминам времето баш со моите најблиски, но имам честа навика да купам за сите по нешто и да ги почестам со некој новогодишен подарок и искрено многу си ги сакам празниците затоа што секој момент е прекрасен.

Музика24: Верувате ли во новогодишната магија и Дедо Мраз, и што е тоа што би сакале да му посакате или порачате, доколку денес имавте можност да му се обратите лично?

Благојче Тодоровски: Па искрено не верувам во Дедо Мраз, но ако се навратиме наназат ќе дознаеме дека всушност Дедо Мраз е Св.Никола кој порано им давал подароци на сиромашните и така со тек на време од луѓето настанал Дедо Мраз кој бил да ги радува сите и да донесе топлина во секој дом. Ако би имал денес можност да порачам нешто од него би било да ги направи сите дечина на овој свет среќни и весели и да имаат безгрижно детство.

Музика24: Новогодишната магија незамислива е без Дедо Мраз, неговите ирваси, подароците и желбите што ги носи овој период. Кои се Вашите лични желби и очекувања за Новата 2026 година, и што би сакале истата да Ви донесе?

Благојче Тодоровски: Сакам на сите на овој свет 2026 година да им биде прекрасна година весела со многу здравје, среќа и љубов.

Музика24: Оваа година реализиравте повеќе интересни музички проекти. Кои се Вашите следни планови за 2026 година? Дали можеме да очекуваме нов студиски албум, настапи на музички фестивали, нови видеоспотови или можеби нешто сосема поинакво?

Благојче Тодоровски: Да, оваа година реализиравме доста наши музички проекти. Следните планови за 2026 година се да се снимаат уште неколку наши авторски песни, а другото нека остане мала тајна… следува нешто многу убаво за публиката.

Музика24: Како планирате да ја дочекате 2026 година, и со кого ќе го прославите овој празничен момент?

Благојче Тодоровски: Со оглед на тоа дека имаме настап ќе ја дочекам заедно со членовите на бендот Здраве Мјузик и сите луѓе што ќе бидат присутни со нас заедно со добра музика, добра забава, љубов, среќа и многу здравје.

Музика24: Која е Вашата новогодишна порака и честитка за нашите читателите, Вашите фанови и обожаватели? Што би сакале да им посакате за посреќна и поуспешна 2026 година?

Благојче Тодоровски: Би им посакал многу здравје, среќа и успех во Новата 2026 година и би им посакал да одат по божјите стапки за повеќе мир среќа и спасение во 2026 година, исто така и Вам и на Вашата екипа ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: