Во изминатите десетина дена, македонската полиција прекина два концерти на регионални музички ѕвезди и приведе повеќе уметници поради сомнеж за настапи без работни дозволи. По акциските контроли санкции заработија Аца Лукас и Џејла Рамовиќ, како и организаторите на нивните настапи.
Младата пејачка Џејла Рамовиќ беше приведена викендов во Кичево, заедно со членовите на нејзиниот бенд, откако полицијата утврдила дека работеле без соодветни дозволи. Според СВР Охрид, групата – сите државјани на Босна и Херцеговина – немала обезбедено работни дозволи, што претставува прекршок според Законот за странци. Случајот е поднесен до Основниот суд во Кичево, а против музичарите е покрената прекршочна постапка.
Покрај Кичево, полициските и инспекциските служби спроведоа контроли и во Свети Николе, каде по полноќ во еден угостителски објект биле затекнати 14 пијани малолетници. Инспекторите утврдиле и други нерегуларности, поради што санкции ќе следуваат и за сопственикот. Од Државниот пазарен инспекторат најавуваат дека ќе има уште почести и поригорозни проверки во пресрет на предновогодишните празници, кога локалите традиционално се преполни. Ќе се контролира работното време, бројот на гости, почитувањето на законите за заштита од пушење и сите безбедносни стандарди.
По приведувањето, своја страна на приказната ја изнесе и Џејла Рамовиќ, која тврди дека документацијата на нејзиниот тим била целосно уредна.
„Сакам да нагласам дека од моја и од страна на мојот бенд сите потребни документи и дозволи за настап во Кичево беа уредно подготвени и доставени до организаторот. Организаторот нè увери дека ги обезбедил сите преостанати дозволи согласно договорот“, изјави пејачката. Таа додава дека настапот бил прекинат буквално неколку минути пред крајот, и тоа под образложение дека недостасувале работни дозволи.
„Жал ми е за непријатностите што ги доживеа публиката. Ситуацијата настана поради околности врз кои немавме никакво влијание, ниту пак вината е на мојот тим или на мене“, порача Рамовиќ. И покрај инцидентот, таа нагласува дека љубовта кон Македонија не се менува.
„Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш со радост се враќам. Така ќе биде и сега, бидејќи веќе во петок се гледаме во Скопје“, порача пејачката.
Предновогодишниот период очигледно ќе помине под зголемени контроли, со цел зајакнување на безбедноста и спречување нерегуларности во угостителските објекти низ државата.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
