Деновиве, екипата на музичкиот портал Музика24 имаше привилегија што не се случува често – да биде дел од нешто ново, автентично и ветувачко. Благодарение на културниот дом „Горан Алачки“, бевме поканети да ѕирнеме зад сцената на првото издание на Фолк Фест Владимирово – фестивал кој, според сè што видовме и доживеавме, има сериозен потенцијал да стане традиционален музички празник.
Но, пред да ве поведеме низ светот на песната, кавалите и традицијата, решивме да направиме нешто што долго го планиравме – репортажа за ова убаво македонско село, место кое изгледа како да е нацртано со најчистите бои на природата. Село Владимирово – душата на Малешевијата!

Осум километри од Берово, покрај реката Брегалница, и некаде високо над секојдневниот стрес, се наоѓа Владимирово. Веднаш штом влезете во селото, чувството е како да сте отвориле порта од некоја стара македонска легенда. Мирис на бор, свеж планински воздух, и да знаете, тоа не е туристичка илузија, туку вистински живот. Со над 98 квадратни километри атар (да, дури толку!), Владимирово е второ по големина село во Малешевијата, но прво по големина на срце. А и инает, како што велат локалците со гордост.
Подготвувајќи се за Фолк Фест Владимирово, видовме како изгледа кога едно цело село дише како едно. Организацијата, генералните проби, гостите, мајсторите за звук, волонтерите, домаќинките што нѐ почестија со домашна пита и домашна убава ракија – сите со една цел: да го прослават македонскиот фолклор и душата на Малешевијата.

Во XIX век било едно од најосвестените и најбогатите села во регионот – по пари, но уште повеќе по дух. Тука се родени министри, поети, музичари, доктори на науки. Ако ги прашате локалците, ќе ви кажат дека „сме најучен народ по глава на жител во Македонија“. И верувајте – не претеруваат. Археолошки локалитети се кријат насекаде – од неолит до доцна антика. Ако сакате култура – ќе ја најдете во старата црква „Св. Спас“ и поновата „Св. Илија“. Ако сакате херојски приказни – на сретсело ве чека бистата на Пола Бошначка.
Во Владимирово, кога ќе пристигнете, нема шанси да останете незабележани. Или ќе ве праша некоја баба дали сте род со некој, или ќе ве покани некој чичко на ракија – тука е така. На последниот попис, селото броело 573 жители, но во душата – како да се илјада. А кога ќе дојде Спасовден или Илинден, селото оживува – и со луѓе, и со традиција, и со мирис на зелник од под сач. Сите повратници и гости се добредојдени – и тоа не формално, туку со цел грош душа. И во тоа лично се уверивме.


Може да се напише уште многу, но едно е сигурно: Владимирово не е само село – тоа е чувство. Фолк Фестот можеби само што започна, но ние веќе го ставивме во нашиот календар како обврзна дестинација и за следната 2026-та година. Затоа, следниот пат кога ќе патувате низ источна Македонија – направете мала кривина. Свртете кон Владимирово. Ќе најдете чист воздух, уште почисти приказни, и луѓе кои ве примаат како роден. А ние? Ние веќе размислуваме да си купиме викендица.
Подготви: Иван Јосимовски
