Ансамблот за народни игри и песни на Македонија – „Танец“, годинава го одбележува својот голем јубилеј со промоција на монографијата „75 години Танец – Монографска презентација на архивската граѓа од архивот на НУ Ансамбл за народни игри и песни Танец“. Промоцијата ќе се одржи на 20-ти ноември, со почеток во 18 часот, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Автори на изданието се етнологот и антрополог Светлана Ќириќ и професорката Мирјана Мирчевска, кои преку повеќегодишна работа создадоа обемна публикација што ја документира уметничката, културната и историската траекторија на Ансамблот. Во неа се опфатени архивски материјали, фотографии, записници, лични сведоштва и други вредни документи кои одблизу го прикажуваат творештвото и значењето на „Танец“ во домашниот и меѓународниот културен простор.
Од Ансамблот велат дека монографијата е „ризница на материјални и нематеријални сведоштва за богатото наследство на „Танец“, кој повеќе од седум децении е најзначаен промотор на македонската народна традиција“.
Во рамки на јубилејните настани, „Танец“ на 22 ноември ќе одржи и концерт насловен „Изворни минијатури“ во Македонската опера и балет. Публиката ќе има можност да проследи автентични машки, женски и мешани ора и песни, изведени во нивната интегрална, изворна форма – онака како што се играле и пееле во различните региони на Македонија.
Со овие два настани, Ансамблот ги заокружува своите активности посветени на 75 години постоење, нагласувајќи ја својата улога во зачувувањето и презентирањето на македонското фолклорно наследство на светската сцена.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
