Музика на кирилица

Изненадување за публиката: Елвир Мекиќ и Маја Саздановска ја оживеаја „Опасно“ – песната што го издржа тестот на времето (Видео)

По цели 18 години од своето прво појавување, песната „Опасно“ на Елвир Мекиќ и Маја Саздановска конечно доби официјален музички спот – изненадување кое пријатно ја разбуди носталгијата кај публиката, но и докажа дека вистинските хитови немаат рок на траење. Идејата за реализација на спотот доаѓа од музичарот и продуцент Иван Јованов – Iwayo, кој заедно со Елвир и Маја одлучил песната да добие нов живот, но на поинаков начин. Наместо класичен концепт, во видеото беа вклучени и фановите, кои испраќаа свои видеа како ја пеат „Опасно“, станувајќи активен дел од финалниот продукт.

„Идејата веднаш ни се допадна. Сакавме спотот да биде искрен, емотивен и блиску до луѓето што ја сакаат оваа песна со години“, вели Елвир Мекиќ, кој е и автор на текстот.

Покрај фановите, во видеото се појавуваат и неколку познати имиња од македонската дигитална сцена, кои со своето присуство му дадоа дополнителна свежина и современ печат на проектот.

„Опасно“ е создадена пред 18 години, по музика на Јован Јованов, но и денес звучи актуелно и модерно – уште еден доказ дека добрата песна не зависи од времето во кое е создадена. Публиката ќе има можност повторно да ја слушне „Опасно“ и во живо, бидејќи Елвир Мекиќ ќе ја изведе на големиот заеднички концерт со Јован Јованов, кој ќе се одржи на 6 јуни 2026 година во арената „Борис Трајковски“. Билетите за концертот веќе се пуштени во продажба.

Можеби ќе ве интересира: