Во прв ред

Големи имиња на македонската музичка сцена на концертот во чест на Милан Завков

Македонската музичка сцена на 27 март ќе му оддаде посебна почит на еден од најголемите чувари на народниот мелос. Во салата на Македонската филхармонија во Скопје, со почеток од 20 часот, ќе се одржи концертот „Миланова игра“, свечена музичка вечер посветена на композиторот, хармоникаш и аранжер Милан Завков.

На сцената ќе настапат некои од најпознатите имиња на македонската музика – Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан и Ленче Кукиќ, како и врвните инструменталисти Катарина Броња на флејта и Дино Имери на пијано. Тие ќе бидат придружувани од камерен оркестар специјално формиран за оваа пригода. Концертот ќе понуди ново звучно доживување на дел од најпознатите песни и ора од богатото творештво на Завков. Неговите композиции ќе прозвучат во современи оркестарски аранжмани, во кои традиционалниот македонски мелос се спојува со модерен музички израз.

„Настанот ќе биде свечена вечер во која дел од неговите најпознати ора и песни ќе прозвучат во нов музички израз, изведени од камерен оркестар специјално оформен за оваа пригода“, велат организаторите од „Баги комуникации“.

Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски, кои преку нови аранжмани ќе му дадат современа димензија на неговото музичко наследство. Вечерта ќе ја води познатата телевизиска водителка Ирена Спировска, која ќе ја пренесе приказната за човекот што со својата музика остави длабока трага во македонската култура.

Од семејството Завкови велат дека овој концерт е исполнување на една негова голема желба.

„Милан целиот свој живот го посвети на негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба – преку неговата музика повторно да се создаде мост меѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз“, велат од семејството.

Милан Завков важеше за еден од најистакнатите македонски хармоникаши, композитори и аранжери. Тој беше долгогодишен раководител и првенец на оркестарот на ансамблот „Танец“, каде што остави значаен печат во развојот и афирмацијата на македонската народна музика.

Ненадејната смрт на Завков на 7 февруари 2023 година остави голема празнина во македонската музичка сцена, но неговото дело продолжува да живее преку генерациите музичари и преку композициите што се дел од македонската музичка традиција.

Билетите за концертот „Миланова игра“ се достапни преку продажната мрежа на МК тикетс.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: