По исклучителниот успех и огромниот интерес по повод 25-годишниот јубилеј, концертот на Јоце Панов во Македонска филхармонија добива продолжение – и тоа по барање на публиката. Имено, пејачот на изненадување на сите најави нов музички настан со наслов „Јоце Панов – Македонска филхармонија 2“, со што уште еднаш ќе ја донесе својата музика на сцената на една од најпрестижните концертни сали во земјава.
Од ПР тимот на Панов велат дека Македонската филхармонија повторно ќе стане дом на музика што се памети, а Јоце ќе ја потврди силната врска која со години ја гради со својата публика. Она што дополнително ја зголемува возбудата околу концертот е најавата дека публиката ќе има можност премиерно да слушне две нови песни – едната на македонски, а другата на српски јазик.
Станува збор за нумерите: „Нема ме више“ и „Жено вистинска“. Но тоа не е сè. Според информациите до кои ексклузивно дојде музичкиот портал Музика24, вечерта ќе донесе и специјални музички гости, кои ќе се појават како изненадување на сцената. Меѓу нив е легендарниот Наум Петрески, кој веќе има дует со Јоце Панов, но и Сале Тропико Бенд, име кое до последен момент се чувало во тајност.


Со ваква програма, нови песни и специјални гости, концертот ветува уште една незаборавна вечер исполнета со емоции, хитови и силна енергија. Бидејќи кога традицијата ја создава публиката – таа навистина трае.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
