Скопје одамна не памети ваква енергија, еуфорија и музичка магија како онаа што на 9-ти април ја донесе младата регионална сензација Јаков Јозиновиќ. Во срцето на главниот град, во преполната Арена Јане Сандански, се случи вечер која не беше само концерт – туку вистински спектакл и доказ дека соништата, колку и да изгледаат далечни, понекогаш знаат да станат реалност побрзо отколку што очекуваме.
На само 20 години, Јаков не само што ја освои публиката, туку и го потврди статусот на феномен кој неуморно го освојува регионот. Она што некогаш било негова визија, денес е гласна реалност – испишана со илјадници гласови што пееја во еден здив. Концертот уште еднаш потврди дека Јозиновиќ е едно од најбараните млади имиња на регионалната сцена, а интересот за неговите настапи не стивнува. Веќе е најавена и неговата следна средба со македонската публика – на 3-ти август во Охрид, на сцената на Антички театар Охрид.
Само дваесетина минути по завршувањето на концертот, Јаков се појави пред новинарските екипи, каде во опуштена атмосфера одговараше на прашања и сподели дел од своите впечатоци по големата скопска вечер.
Што кажа и одговори пред новинарските екипи, прочитајте во продолжение:
Јаков Јосиновиќ: Кои се твоите впечатоци од веќе завршениот скопски концерт и што е она што имаш да ни го кажеш постконцертно?
Знаете како, јас во Скопје сум веќе три дена. Пред два дена бевме во посета на Крушево, бевме да го погледме меморијалниот центар и спомен куќата на Тоше што е направена и некако три дена сум поврзан со овој град и со овие луѓе и чувството ми е неверојатно, бидејќи како што веќе кажав во едно интервју Хрватска и Македонија се некако доволно далеку а сите сме некако исти и сите имаме иста цел и иста емоција. Тоа го почуствував од првиот ден кога дојдов. Посебно ми е драго што имав прилика да дојдам да пејам во Скопје… и се уште некако не можам да верувам. Се уште сум некако… не можам да верувам дека направив концерт и мое е задоволството имате предобра публика – искрено. Се уште сум без текст, не знам што друго да кажам.
Дали се точни децибелите кои за време на концертот го мереа викањето на публиката?
Јаков Јозиновиќ: Да, точни се. Јас разговарав со својот тонец кој беше цело време позади миксетата уште пред неколку дена и му реков да ми каже искрено дали навистина се точни децибелите или не. Не би сакал да ги лажам луѓето. Тој на тоа ми рече – Може, може, така да навистина првите три пати не беа најгласни, но затоа пак четвртиот пат го соборија рекородот. 116,8 децибели, колку што знам јас 120 е за полетување на авион. Така да беа навистина многу блиску.

Конечно реши ја дилемата. Дали твојата мајка е од Охрид, како што изјави во едно интервју и од тогаш тоа стана многу вирално?
Јаков Јозиновиќ: Не, јас само се шегував. Тоа е мојот хумор. Но кога публиката ќе те прифати и засака на овој начин како не би се чувствувал како дел од сето ова. Но не е, се шегував.
На твојот профил на Инстаграм имаш објавено како те забележуваат движејќи се низ градот. Дали се уште можеш да се движиш слободно или веќе ти се потребни телохранители за сето тоа?
Јаков ЈозиновиЌ: Има една интересна приказна. Дојдовме во Крушево и излегувам јас од комбето и во близина има училиште каде што има деца околу 10 години. Јас коментирав со менаџерката, велам нема шанси сега они да знаат кој сум јас. Јас проаѓам покрај нив и тие сите во еден глас ја пејат мојата песна Ја волим. И јас останав без текст. Така и Македонија со овој чекор ми потврди дека ме знаат, препознаваат и дека ме ценат. Јас сум во шок веќе три дена. Тоа чувство е највистина преубаво.Тоа е само потврда дека публиката навистина ме прифаќа и поддржува. А тоа на крај на денот е и најубаво.
Што ти остави најголем впечаток во Македонија? Дали ги проба традиционлна македонски јадења? Што е она што те остави без зборови и те фасцинира.
Јаков Јозиновиќ: Прво пробав Тавче на гравче. Јас сакам да јадам грав и мојата мајка знае добро да го направи, но никогаш вака предобар и вкусен. Тоа го пробав и тоа ми е некако многу убаво и драго.
Ќе има ли нови песни до охридскиот концерт кој пак е закажан на 3-ти август на Антички?
Јаков Јозиновиќ: Додека се случи охридскиот концерт ќе има албум. Можно е во текот на овој месец да промовираме уште една нова песна.
Дали ти беше тешко да научиш македонски, со оглед на тоа дека Игри без граници од Тоше ја отпеа на македонски?
Јаков Јозиновиќ: Мислам дека не. Јас да имам малку повеќе време јас би можел да научам многу повеќе песни на македонски. Денес сам на себе си дадов за задача да ја научам Боже брани је од зло, мислам дека одлично помина. Само еден ден ми требаше за оваа песна, а до следниот пат ви ветувам ќе си дадам време и ќе научам повеќе песни на македонски. Ми се допаѓа вашиот јазик и ми се допаѓа начинот на кој Тоше ги интерпретирасе истите песни кои јас веќе години наназад ги знам – но ваш јазик. Така да до следниот пат ќе си дадам за задача да научам уште повеќе македонски песнии.Тоа на некој начин ми е покажување на почит кон публиката која што дојдена е тебе да те гледа. Нека знаат дека со нив и дека ги сакам и ценам.

Вие сте млада генерација. Кој ве учеше се да ги знаете овие овие песни од 70-ти и 80-ти години и Здравко Чолиќ?
Јаков Јозиновиќ: Знаете, некако по природен пат си дојде кога бев млад. Со семејството секогаш го слушав Оливер Драгојевиќ и Мерлин. Како поминуваа годините сфатив дека и Здравко Чилиќ е брутелен, а исто и Ѓорѓе Балашевиќ, Тоше Проески – се уште никој не може да го надмине. Јас сам природно почнав да ги слушам сите овие песни и сфатив дека тоа е она што јас најмногу го чувствувам и што мислам дека е вистинска музика.
Не можеше да ги исконтролираш и сопреш и емоциите и солзите…
Јаков Јозиновиќ: Што да ви кажам. Вагата си го направи своето. Сето ова трае 6-7 месеци и се ова е нешто неверојатно. Ова е она за кое што јас цел мој живот сонував. Ова е нешто што оној малиот Јаков од 10 години им го зборуваше на сите дека еден ден сигурно ќе успее. И на жалост или на среќа, тоа е толку големо да јас на 20 години не можам да бидам свесен. И тогаш ми се случуваат моменти како овој вечерва, кога на момент ќе ја погледнам публиката јас се рушам целиот – целото тело се препушта на публиката и јас не знам како поинаку да реагирам и баш онака ме закопа македонската публика. Јас и на менаџерката и реков, неверојатно е јас кој што е од Винковци со 20 години дојдов во Скопје и ја продадов и наполнив арената Јане Сандански. Неверојатно ми е. Не можам да верувам. И благодарен ќе бидам засекогаш.
Жал ни е што арената не ја закажа, после толку концерти во Белград.
Јаков Јозиновиќ: А кој вели дека арената во Белград не е закажана?! (се смее). Не знаев колку публиката сака да правам и работам концерти. Белградската публика дојде и кажа: Сакаме уште. А јас им реков: Ќе добиете уште.
Гледавме снимки каде ти влегуваш во публиката но обично тоа го правиш пополека, овој пат влезе директно во публиката?
Јаков Јозиновиќ: Секогаш јас влегувам директно кај публиката, колку можам и колку смеам се разбира. Тика имаше една голема ограда и не можем да поминам преку неа, но влегов помеѓу публиката колку што можев за да што подобро ме почуствува публиката, а и јас да ја почуствувам нивната енергија. Тоа ми е еден од најубавите моменти и делови од концертот.

Спомена дека наскоро ќе издаваш албум. Кои се автори ќе бидат на тој прв твој албум, композитори од Хрватска, Србија, Македонија…
Јаков Јозиновиќ: Па да… ќе има многу. Тоа ќе го оставам да бидете изненадени, засега нека биде и остане тајна. Јас некако се трудам, освен со луѓето со кои што сум опкружен и кој што перфектно си ја работат својата работа како на пример Матија Цвека и Лаура која пее пратечки вокали, некако се трудам на својот албум да ги соберам и луѓето кои ги имаат работено песните кои јас всушност ги пејам на моите концерти. И мислам дека тоа е најдобар потег и најдобра насока кон која треба да се движам работејќи на својот прв албум. Идам по тој пат и ќе се потрудам такви луѓе да има што е можно повеќе.
Дали планираш дуети…?
Јаков Јозиновиќ: Да ќе има и дуети. Но можеби не на албумот. Ама планирам такви дуети со кој цел Балкан ќе го освоиме. Мојата цел е, што се однесува до дуетите, со оглед на тоа дека цел Балкан ме прифати што е навистина огромна привилегија, мојата цел е барем во секоја држава од регионот да имам барем по еден дует. Така да Македонија секако ќе биде тука. А вие прашувајте се со кого…
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
