Во ерата кога музичките биографски филмови се вистински хит во Холивуд, проектот за животот на Мадона останува најочекуван и најкоментиран. По долгата пауза предизвикана од светската турнеја „Celebration“, актерката Џулија Гарнер конечно ги потврди добрите вести: филмот е во подготовка и работата продолжува.
„Сè уште работиме на филмот“, изјави Гарнер за „W Magazine“, отфрлајќи ги гласините дека проектот е замрзнат или откажан. Оваа потврда доаѓа по завршувањето на турнејата во мај 2024 година, кога Мадона повторно се посвети на доработување на сценариото.
Изборот на Гарнер не беше случаен. Таа излезе како победничка во еден од најригорозните кастинг-процеси во поновата историја на Холивуд, победувајќи конкурентки како Флоренс Пју и Сидни Свини. За да ја добие улогата, поминала месеци во напорни тренинзи за пеење и танцување, со завршна аудиција пред самата Мадона. Гарнер веќе се докажа како мајстор на трансформација во сериите „Ozark“ и „Inventing Anna“, но овој предизвик е од сосема друга димензија – да се долови духот на жена која повеќе од четири децении ја дефинира поп-културата.
Она што го прави овој проект посебен, но и контроверзен, е фактот дека режисер на филмот е самата Мадона. Од една страна, тоа гарантира безпреседанска автентичност – никој не може подобро од неа да ја раскаже сопствената приказна. Но, од друга страна, се поставува прашањето: може ли уметник да биде објективен сведок на својот живот?
Токму оваа потреба за перфекционизам и целосна контрола е една од причините зошто филмот толку долго се развива.
Интересно е што турнејата „Celebration“ изгледа функционираше како еден вид проба за филмот. На концертите, Мадона хронолошки ги оживеа клучните моменти од својата кариера, што, според познавачите, ѝ дало нова јаснотија за тоа кои делови од нејзиниот живот заслужуваат да се најдат на големото платно.
Предизвикот е јасен: како во двочасовен филм да се прикаже животот на жена која го смени текот на музиката, модата и поп-културата? Но Гарнер и Мадона не брзаат. Наместо да создадат уште една биографија, целта е да се направи филм што ќе биде достоен за наследството на кралицата на попот.
