World Music

По шест години пауза, Мадона најави нов студиски албум: враќање кон денс-звукот од „Confessions on a Dancefloor“

Мадона, поп-иконата со повеќе од четири децении кариера, официјално најави нов студиски албум кој ќе се појави следната година. Веста доаѓа по обновената соработка со нејзината поранешна издавачка куќа „Ворнер рекордс“, со која таа ги изгради првите 25 години од својата блескава музичка патека.

Според магазинот „Ролинг стоун“, проектот е замислен како духовно продолжение на легендарниот албум Confessions on a Dancefloor од 2005 година, кој се смета за еден од врвовите на нејзината дискографија и кој ја врати на врвот на глобалните топ-листи. Новиот материјал ќе биде силно инспириран од денс-звукот, жанр во кој Мадона отсекогаш била пионер и трендсетер.

Ова ќе биде прво големо издание по Madame X (2019), кој донесе поекспериментален пристап и мешавина на глобални влијанија. Иако насловот и точниот датум на излегување сè уште не се познати, најавата веќе предизвикува голем интерес кај фановите ширум светот.

„Од уметник кој се пробиваше во Њујорк до договор за само три сингла, во тој момент се чинеше дека мојот свет никогаш нема да биде ист – и тоа беше навистина така. Од самиот почеток, Ворнер рекордс беше мој вистински партнер. Среќна сум што сме повторно обединети и со нетрпение ја очекувам иднината“, изјави Мадона, која минатиот месец наполни 67 години.

Со оваа најава, „Кралицата на попот“ не планира да застане и музичката сцена и натаму ќе ја добива нејзината енергија и провокација – овој пат со ритмови кои ќе нè вратат на денс-флoorот.

Можеби ќе ве интересира: