Фестивали

По 32 пат „Охрид фест“ – спектакл на музика и емоции

Најубавата летна сцена во Македонија — „Долни Сарај“ во Охрид и годинава ќе биде домаќин на еден од највлијателните музички настани во регионот: „Охрид фест – Охридски трубадури“, кој по 32-ри пат ги обединува музиката, културата и туризмот во едно незаборавно доживување.

Фестивалот ќе се одржи на 29-ти и 30-ти август, а директен пренос ќе обезбеди ТВ Алфа, која годинава станува стратешки медиумски партнер. Уметничкиот директор Григор Копров открива дека во тек се преговори и со уште три регионални телевизии, со цел фестивалот да добие што поголема видливост во регионот и дијаспората.

„И оваа година фестивалот ќе почне со кратко видео за Охрид – петминутна разгледница која го обиколува целиот Балкан. ‘Охрид фест’ не е само музички настан, туку и платформа за млади таленти и признание за големите имиња, но и силна алатка за промоција на Охрид и македонскиот туризам“, изјави Копров, додавајќи благодарност до директорот на ТВ Алфа, Јани Бојаџи, за поддршката.

Фестивалот започнува на 29-ти август со Фолк вечерта, додека на 30-ти август ќе се одржи Интернационалната вечер. Меѓу учесниците се етаблирани имиња од македонската и балканската сцена како Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Сашо Гигов – Гиш, Ана Петановска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Бојан Маровиќ, и српскиот евровизиски претставник Принц од Врање. Специјален гостин е легендарниот Оливер Мандиќ, чие присуство дополнително го зголемува значењето на фестивалот.

Ова е повеќе од музички фестивал – ова е културна мисија што трае над три децении. Охрид повторно ќе пее, а целиот Балкан ќе слуша.

Подготви: Андреја Андреевиќ

Можеби ќе ве интересира: