Во време кога големите музички спектакли најчесто се резервирани за странски имиња, четири од најпрепознатливите македонски изведувачи решија да испишат ново поглавје на домашната музичка сцена. Сузана Гавазова, Наум Петрески, Миле Кузмановски и Благоја Грујовски го најавија проектот „Македонска кафеанска вечер“, настан кој има амбиција да прерасне во традиционален предновогодишен спектакл.
Првото издание ќе се одржи на 25 декември, со почеток во 20 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, каде организаторите најавуваат сосема поинаков концепт од концертите на кои публиката е навикната. Наместо класична концертна поставеност, посетителите ќе бидат сместени во автентичен боемски амбиент со високи и ниски маси, пијалак, мезе и атмосфера која ќе потсетува на најубавите денови на македонските кафеани. Сето тоа ќе биде надополнето со голем оркестар во живо и репертоар составен од најпознатите македонски евергрини, народни и забавни хитови.
„Време е за нешто поинакво. Време е македонската музика повторно да биде во центарот на вниманието. Не подготвуваме обичен концерт, туку вечер во која публиката и изведувачите ќе бидат едно. Сакаме повторно да го оживееме боемскиот дух и да ја вратиме магијата на македонската кафеанска традиција“, вели Наум Петрески.
Според најавите, програмата ќе трае повеќе од четири часа, а на сцената ќе се редат десетици безвременски песни кои со години се дел од македонската музичка историја. Покрај четворицата домаќини, организаторите најавуваат и специјални гости, чии имиња засега остануваат тајна.
Возбудата не ја крие ниту Сузана Гавазова, која вели дека овој концерт за неа има посебно значење.
„По бројните настапи и турнеи низ светот, особено ми значи што конечно ќе создадеме ваков спектакл пред домашната публика. Ова нема да биде само концерт, туку вечер исполнета со емоции, дружење и песни кои сите ги знаеме и ги сакаме. Верувам дека ќе започнеме традиција која ќе трае со години“, истакнува Гавазова.
Со внимателно осмислено сценарио, современа продукција, оркестар во живо и концепт кој досега не бил реализиран во ваков формат кај нас, „Македонска кафеанска вечер“ има цел да стане препознатлив предновогодишен настан и место каде љубителите на македонската музика ќе се собираат секој декември. Организаторите најавуваат дека во наредните денови ќе бидат откриени и дополнителни детали околу програмата и специјалните гости, додека билетите наскоро ќе бидат пуштени во продажба преку платформата Wayin.
Текстот го подготви: Марија Поповска
