Некој ќе рече дека македонската музика е секогаш во втор или трет план. Апсолутна грешка. Вчера вечер, „Меморија” во исполнетата арена „Борис Трајковски” одржа едно вистинско спектакуларно издание на она најдоброто на кое што ниту еден македонец не би останал рамнодушен. Пораката ја сфативме, но да почнеме од почеток…
За прв пат ние естрадните новинари од седмата сила бевме одлично пречекани и угостени од страна на организаторите и овој пат речиси се беше како што треба. И се разбира, двогледите ги оставиме по дома, бидејќи бевме токму онаму каде што всушност и ни е местото на секој концерт, позади и до бината. Голема благодарност до организаторите и до нашиот колега-новинар и ПР на целиот овој настан, Антонио Димитриевски.

А концертот… тоа беше едно вистинско и позитивно воодушевување. Истиот започна на време со емотивен музички микс на најпознатите македонски народни песни т.н македонски бисери „Параходот”, „Заветна”, „Едно име имаме”… кои ги отпеа една од најдобрите македонски поп пејачи Андријана Јаневска. Таа со својот глас… колку и да не сака човек ќе се наежи на овие песни. А веднаш потоа на сцената и се придружи и познатиот вокал на „Меморија” Апостол Икономов Поце каде заедно продолжија да ги пеат овие наши познати македонски рефрени. Низ целата арена се вееја македонските знамиња. Вистинска музичка идила, на еден толку мал простор… емоции на сите страни. А потоа се редеа и хитовите: „Македонија”, „Среќна нова”, „Илјада песни”, „Одам засекогаш” – за оваа песна пак фронтменот Петар Георгиевски Камиказа раскажа дека ја напишал пред да замине за Америка, и покрај тоа што премногу ја сакал нашата Македонија. Едноставно – концерт како што доликува и заслужува македонската публика.


Како гости на самиот концерт се појавија Александра Илиева можеби и најдобрата саксофониска во Македонија која со својот саксофон и даде посебна емоција на песната „Возови”, Сара Мејс која со својата харфа одлично се вклопи и заедно со „Меморија” совршено ја изведоа „Оган под ѕвездите”, а свои песни отпеаа и групата Ареа („Сите мои слики”) и Дани Димитровска („Што до тогаш”). А потоа интересно беше што сите гости заедно ја отпеаа безвременската „Мотори”, на што публиката едноставно играше, пееше и се лудо се забавуваше.

Посебен впечаток на концертот остави и Филип Николовски, младо момче кое се движи со помош на количка, но многу ја сака музиката, свири на синтисајзер, пее и настапува. Тој заедно на сцената со фронтменот Петар Георгиевски и Ристо Самарџиев ја отпеаа нему посветената „За добро да е“, за која музиката е на гитаристот на „Меморија“ Рубин Димкоски, а текстот е на Дуле Темелкоски.

Блезерите останаа за на крај каде што заедно со Ристо Самарџиев, Поце и сите останати заедно со публиката ја отпеаа, слободно може да кажеме химната, „Дирлада“, песна на која што сите играа и сите пееја. Весела е македонската публика. Во воздухот се чувствуваше токму она расположение како што ретко кој концерт го има. Е токму овој беше таков.
На крајот од денот. Да организираш и подготвиш еден вака беспрекорно одличен концерт, мултимедијално шоу, каде посебна екипа составена од режисер и 11 камери, два дрона, 15-метарски кран, голем лед екран поделен на три сегменти и се да помине така совршено со преполна сала… значи дека целта е постигната и дека и во следните 40 години „Меморија” ќе биде и остане само репер за сите кои сакаат да бидат на тоа нивно место.
А до тогаш… само да сме живи и здрави и да слушаме македонска музика.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото/Видео: Музика24
