Музика на кирилица

Јованка Јо со нова емоционална балада – „Љубов за три животи“ (Фото+Видео)

Македонската фолк пејачка Јованка Јо повторно ја разбуди емоцијата кај својата публика со новата песна и видеоспот „Љубов за три животи“, балканска балада која носи силна љубовна приказна и искрен вокал. Со препознатливата топлина во интерпретацијата, Јованка Јо уште еднаш покажува дека знае како да ја претвори емоцијата во музика која директно допира до слушателите. По објавувањето на песната, таа на социјалните мрежи сподели дека зад композицијата стои вистинска животна приказна.

Љубов за три животи е вистинска приказна. Ја пуштам да си го најде својот пат. Се надевам ќе допре до вашите срца“, напиша пејачката.

Музиката, текстот и аранжманот ги потпишува Ефтимија Јованова, а во песната Јованка го изведува и пратечкиот вокал, што дополнително ја засилува интимната атмосфера на композицијата. Баладата носи силна емоционална порака, а стиховите ја раскажуваат приказната за љубов која останува длабоко во човекот, дури и кога животот продолжува понатаму. Видеоспотот е визуелно естетски и внимателно осмислен. Камерата е дело на Стефан Рајхл, додека монтажата ја потпишува Александар Пауновски. Во видеото се појавуваат актерката Деа Рајхл и танчерот Даниел Коцев, кои преку движење и актерска игра ја пренесуваат драматичната љубовна приказна што ја носи песната.

Со „Љубов за три животи“, Јованка Јо уште еднаш ја потврдува својата позиција на македонската музичка сцена, продолжувајќи да создава песни што оставаат силен емотивен печат кај публиката. Новата песна и видеоспотот веќе се достапни на музичките платформи и социјалните мрежи, каде што полека, но сигурно го наоѓаат патот до срцата на љубителите на балканската музика.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: