Музика на кирилица

„Љубов голема“ – новата музичка приказна на Група Седенка што освојува на прво слушање (Видео)

Група Седенка деновиве ја претстави својата најнова музичка приказна – песната „Љубов голема“, композиција која носи силна емоција, певлива мелодија и порака за љубовта како најголема животна вредност. Зад музиката и аранжманот стои Александар Јовевски, кој повторно го препознава својот музички печат, додека текстот е дело на Слободанка Ничевска. Станува збор за песна која уште при првото слушање лесно останува во сеќавање благодарение на својот впечатлив рефрен и топлата интерпретација.

„Љубов, среќа, живот за нас, вечен живот како река нека тече… една желба, наша судбина, нежен допир, поглед што вечно сјае“, се стиховите што ја носат главната порака на песната – дека вистинската љубов е она што му дава смисла на животот.

Снимањето се одвиваше во музичкото студио „По слух“, каде што беше реализирана целокупната продукција под водство на Александар Јовевски. За финалниот звук, односно миксот и мастерингот, се погрижи Горан Гешовски, кој ѝ даде дополнителна звучна димензија на композицијата. Паралелно со аудио изданието, Група Седенка го промовираше и официјалниот видеоспот, снимен во препознатливиот амбиент на скопската кафеана „Дебар Маало“. Видеото е во реализација на Алек Тасевски (EyeContact), а во него се појавуваат и модели од модната агенција „Мак Моделс“, кои придонесуваат за визуелната естетика и романтичната атмосфера.

Grupa Sedenka - Ljubov golema  (Official video 2026)

Група Седенка и овојпат останува верна на својот препознатлив музички израз, успешно комбинирајќи традиционални елементи со современ аранжман, создавајќи песна која има потенцијал да стане неизоставен дел од музичките прослави и веселби.

Составот на Група Седенка го сочинуваат: Методија Столески (вокал), Ивана Стојановска (вокал), Дарко Ничевски (хармоника), Дарко Савески (кларинет), Александар Јовевски (клавијатури и тамбура), Филип Николовски (гитара) и Марко Марковски (ударни инструменти).

Со „Љубов голема“, музичарите испраќаат уште една искрена музичка порака дека најубавите песни се оние кои зборуваат за љубовта – едноставно, топло и од срце.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: