Зад секое големо музичко име стоела една прва можност. Токму таква можност годинава нуди Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, кој распиша конкурс за избор на две нови музички лица што ќе добијат шанса да зачекорат на професионалната сцена. Во потрага по новата македонска музичка ѕвезда, фестивалот ќе избере еден машки и еден женски вокал, а конкурсот ќе биде отворен од 1 ноември 2026 до 15 јануари 2027 година.
Сите кандидати можат да конкурираат со една или две демо-снимки, како и со веќе снимени авторски песни. Материјалите треба да се испратат на [email protected] со назнака „Одбираме нова македонска музичка ѕвезда“. По внимателна селекција, стручна комисија ќе ги избере двајцата најталентирани кандидати кои ќе добијат можност за понатамошен музички развој и соработка со фестивалот.

Во својата повеќе од триесетгодишна историја, „Охрид фест – Охридски трубадури“ изгради репутација на фестивал што создава музички вредности, промовира авторска музика и открива нови имиња. Со овој конкурс организаторите сакаат повторно да им дадат простор на младите таленти, верувајќи дека токму меѓу нив се крие следниот голем глас на македонската естрада.
Понекогаш е доволна само една песна за да започне една голема музичка приказна. Можеби токму вашата.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
