Музика на кирилица

По години хитови и фестивали, Ана Петановска конечно го објави својот деби албум „Само љубав постои“ (Фото)

По неколку години исполнети со успешни фестивалски настапи, бројни музички соработки и континуирано градење на својата кариера, младата пејачка Ана Петановска денес официјално го објави својот прв студиски албум „Само љубав постои“, кој е достапен на сите дигитални музички платформи.

Изданието, објавено под етикетата на Croatia Records, претставува важен чекор во кариерата на талентираната пејачка и ја заокружува приказната што ја создаваше во изминатите неколку години.

Албумот содржи десет композиции кои најдобро го претставуваат досегашниот музички пат на Ана. Меѓу нив е и песната „Ljubav uvijek pobijedi“, со која на меѓународниот фестивал „Бисер Јадрана“ ја освои наградата за најдобра интерпретација. Покрај новите песни, на албумот се наоѓаат и хрватските верзии на композициите „Balada za anđela“ и „S tobom do zvijezda“, кои претходно беа објавени на македонски јазик и веќе добија свои видеоспотови. Посебно место на албумот има емотивниот дует „Nebo“, снимен со легендарниот рок музичар Дадо Топиќ, кој покрај заедничката изведба го потпишува и текстот на песната. Како автори на албумот се јавуваат и Душан Бачиќ, Григор Копров, Роберт Пилепиќ и Стефан Петановски.

Родена во Скопје во 2003 година, Ана Петановска со музика се занимава уште од најрана возраст. Пред да започне соло кариера, беше дел од бројни студиски проекти, а пошироката публика ја запозна во 2022 година како придружен вокал на македонската претставничка Андреа Коевска на Песна на Евровизија во Торино. Истата година ја започна и својата самостојна кариера, по што следуваа бројни фестивалски настапи, награди и признанија кои ја вброија меѓу најперспективните млади пејачки во регионот.

Со „Само љубав постои“, Ана не само што го заокружува досегашниот музички период, туку испраќа и јасна порака за правецот во кој сака да ја развива својата кариера – искрени емоции, современ поп звук и песни кои лесно го наоѓаат патот до публиката.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: