Во прв ред

Ади Шоше со емотивна музичка вечер во Скопје: Публиката пееше со него од првата до последната песна

Емотивна вечер исполнета со добра музика, моќен вокал и многу љубов – токму таква вечер ѝ приреди Ади Шоше на македонската публика на својот прв концерт во Скопје. Македонската филхармонија беше исполнета со публика од сите генерации, а атмосферата покажа дека неговата музика не допира само до срцата на понежниот пол. Напротив, кога зад песните стојат вистински талент и емоција, во нив уживаат сите.

Енергичен, непосреден и речиси неуморен на сцената, Шоше со својот вокал, интерпретација и харизма уште еднаш покажа зошто неговото име сè погласно се слуша низ регионот. Во текот на вечерта, покрај песните што веќе ги освоија слушателите, изведе и песни од Тоше Проески, кои предизвикаа посебни емоции кај присутните.

„Глас што не се слуша само со уши, туку се чувствува директно во срцето“, пишуваше на транспарентот што го доби од своите фанови. А Шоше на сцената покажа дека тоа не се само убаво избрани зборови, туку чувство што навистина го пренесува преку песната. Зашто, кога има талент, искреност и емоција, музиката го наоѓа патот до срцата, без оглед на генерацијата. Од првите тонови до последните рефрени, концертот се претвори во заедничка музичка приказна на пејачот и публиката, која со него ги споделуваше стиховите, емоциите и енергијата. Шоше ја оправда довербата на сè поголемиот број обожаватели, оставајќи впечаток на изведувач кој со секој нов концерт, настап… освојува нова публика и сигурно чекори кон уште поголема регионална сцена.

По успесите во Загреб и Белград, и Скопје стана дел од концертната приказна на Ади Шоше – пејач во забрзан подем, чиј потенцијал и сценска енергија навестуваат дека најубавите музички приказни допрва следуваат, а не помалку интересни музички вечери следуваат и од Евентум продукција.

Можеби ќе ве интересира: