Премиера

Бојана Скендеровски со „Тука сме” испраќа порака дека секое дете заслужува да биде видено и слушнато

Понекогаш една песна може да каже многу повеќе од илјадници зборови, особено кога зад неа стои искрена приказна и желба да се даде глас на оние чии приказни не секогаш стигнуваат до јавноста. Токму таква е „Тука сме”, песната што Бојана Скендеровски им ја посветува на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври” – Скопје, по повод 80-годишниот јубилеј на установата.

Како нивен амбасадор на хуманоста, Бојана ја прифати оваа улога со особена емоција и одговорност, но и со желба преку музиката да ја пренесе пораката на децата и да потсети дека секое од нив има своја приказна, соништа, надежи и потреба да биде слушнато. „Тука сме” е нивниот глас, нивното едноставно, но силно обраќање до светот – сакаме да знаете кои сме и дека сме тука.

Песната е создадена со многу емоција и посветеност. Музиката, аранжманот, како и миксот и мастерингот се на Димитар Андоновски, додека текстот го потпишува Тина Иванова. Во реализацијата учествуваа и децата од Детскиот дом „11 Октомври”, како и децата од НВО Дневен центар „Доза среќа”, а посебна топлина на песната ѝ даде и детскиот хор „Ѕвончиња” од Битола.

„Среќна сум што ја имам можноста да бидам дел од една ваква приказна и што можам да придонесам да се слушне гласот на овие прекрасни деца. Со нив се дружам со огромно задоволство и секоја средба ме потсетува колку многу можеме да научиме од нивната искреност, храброст и насмевки. Не сакам да зборуваме за нив како за деца на кои нешто им недостига, туку да ги запознаеме како личности со свои соништа, таленти и желби. Тие имаат што да ни кажат, а наше е да застанеме, да ги слушнеме и да им покажеме дека не се сами. За мене, оваа песна е многу повеќе од музички проект, таа е порака дека храбрите, искрени борци водат тивки битки и победуваат“-вели Бојана.

Со „Тука сме” одбележувањето на значајниот јубилеј на Детскиот дом „11 Октомври” добива и музички спомен, но, пред сè, потсетник дека вниманието, поддршката и човечката блискост не треба да бидат гестови само во посебни прилики, туку дел од нашето секојдневие. Затоа што понекогаш најважното што можеме да му го подариме на едно дете е чувството дека некој го гледа, го слуша и верува во него.

Зад видеото на „Тука сме” се потпишува „Скендеровски“ продукција.

Можеби ќе ве интересира: