Анета Љумаковска и „Анета Бенд“ продолжуваат да ја живеат една од своите најуспешни музички години. Откако на годинашното издание на „Охрид фест“ ја освоија првата награда од стручното жири со песната „Срцево те бендиса“, нивната музичка приказна добива ново продолжение – со премиера на видеоспотот и серија празнични настапи пред македонската дијаспора во Канада.
Песната, која уште на фестивалската сцена привлече внимание со својата мелодија и автентичен македонски дух, доби и впечатлива видео-приказна снимена во едни од најпрепознатливите охридски амбиенти. Камерите го овековечија безвременскиот шарм на црквата „Света Софија“, калдрмите на Варош и уникатната атмосфера на стариот дел од Охрид, дополнително нагласувајќи ја емоцијата што ја носи песната.


За визуелната реализација се погрижија најдобрите Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија, додека продукцијата ја потпишува Стив Штуревски. Особен белег на спотот му даваат членовите на КУД „Бисер“ од Кичево, кои преку традиционалните македонски ора внесуваат дополнителна автентичност и ја истакнуваат убавината на македонската фолклорна традиција. Музиката и аранжманот за „Срцево те бендиса“ ги создаде Зисо Пуровски, текстот е дело на Анита Даева, а песната е снимена во студиото City Sound.


По успешниот фестивалски настап, Анета Љумаковска и „Анета Бенд“ ги очекуваат нови професионални предизвици. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници тие ќе отпатуваат во Канада, каде преку серија концерти ќе настапат пред македонските иселеници и ќе ја пренесат празничната атмосфера далеку од татковината.
„Посебна е радоста кога македонската песна ќе ве однесе далеку од дома, а уште поголема кога ќе имате можност празниците да ги споделите со нашите луѓе, кои и покрај далечината ја чуваат љубовта кон Македонија, традицијата и музиката. Со нетрпение очекуваме да се дружиме, да пееме и заедно да ја создадеме празничната атмосфера“, вели Анета за Балкан Мјузик.


Со освоената прва награда на „Охрид фест“, новиот видеоспот и претстојната турнеја во Канада, Анета Љумаковска и „Анета Бенд“ уште еднаш потврдуваат дека македонската песна нема граници. Од фестивалската сцена во Охрид до концертните сали преку океанот, нивната музика продолжува да ги поврзува луѓето и да ја носи Македонија таму каде што живее нејзиното срце – меѓу публиката.
