Битола викендов живееше во знакот на добрата храна, дружењето и традицијата. Со свечена гала вечер и доделување на наградите на најдобрите учесници, официјално заврши првото издание на „Чкембе фест 2026“, фестивал кој уште со својата премиера покажа дека има потенцијал да стане еден од најпрепознатливите гастрономски настани во Македонија.
Во текот на вториот фестивалски ден, плоштадот „Магнолија“ беше преполн со посетители кои имаа можност да уживаат во разновидни вкусови, мириси и специјалитети подготвени од десет екипи од Македонија, Србија и Турција. На фестивалската сцена се подготвуваа чкембе чорби, мезалоци и оригинални специјалитети од чкембе, а за најдобрите одлучуваше стручна жири-комисија составена од врвни познавачи на гастрономијата.

Во категоријата најдобра чкембе чорба, првото место го освои тимот на Мото клуб „Конзули“ од Битола, во состав Сузана Јовановска, Даниела Талевска и Виолета Арминовска. Второто место му припадна на тимот на хотел „Молика“ – Тодорче Митев и Јован Талевски, додека третото место го освоија Ѕвонко Јоцевски и Хермина Манева од „Џони мезалок“ од Куманово.


Кај мезалоците од чкембе, победници беа Дијана Петанчевска и Лаура Сефедин од ресторанот „Корзо“, пред екипата на „Џони мезалок“ од Куманово и вториот тим на „Корзо“, составен од Татјана Тасевска и Златко Ацевски.

Во категоријата специјалитети од чкембе, првата награда ја освоија Златко Ацевски и Татјана Тасевска, второто место им припадна на Дијана Петанчевска и Лаура Сефедин, а третото место го освои Исмаил Кавасоглу од Измир, Турција.

По сумирањето на резултатите од сите категории, Гран при признанието заслужено му припадна на ресторанот „Корзо“ од Битола, кој остави најсилен впечаток со своите кулинарски изведби.

Освен наградите за најдобрите, организаторите доделија плакети и благодарници на сите институции, компании, поддржувачи и медиуми кои дадоа свој придонес во успешната организација на оваа нова гастрономска манифестација. Со особена чест, Музика24 беше еден од медиумските поддржувачи на првото издание на „Чкембе фест 2026“ и доби благодарница за професионалното известување, промоцијата и медиумската поддршка на фестивалот.

Искрено им благодариме на организаторите за укажаната доверба и можноста да бидеме дел од оваа прекрасна приказна уште од нејзиното прво издание. Ни претставуваше вистинско задоволство да ја пренесеме атмосферата, ентузијазмот и позитивната енергија што владееше во текот на фестивалот. Веруваме дека „Чкембе фест“ има светла иднина и ќе прерасне во традиционална манифестација која ќе привлекува гости од целата држава и пошироко.

Се гледаме и следната година – со уште повеќе вкусови, насмевки, дружба и успешни фестивалски приказни, а Музика24 со задоволство повторно ќе биде дел од оваа убава битолска гастрономска авантура.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фото: Bitola News
