Фестивали

Музика24 ексклузивно дознава: Миле Барбаровски, Блага Петреска, нови македонски музички имиња и балкански ѕвезди дел од „Владимирово Фолк Фест 2027“ (Фото)

На неодамна одржаното издание на „Роса Фолк Фест“, екипата на музичкиот портал Музика24 имаше можност да разговара со еден од добитниците на признанието за животно дело – маестро Горан Алачки, човекот кој последниве години, покрај својата богата музичка кариера во Македонија и надвор од неа, успешно ја создава и развива една од најубавите фестивалски приказни кај нас – „Владимирово Фолк Фест“.

Музика24 ексклузивно дознава дека третото издание на фестивалот ќе се одржи на 10 јуни 2027 година (четврток), традиционално 40 дена по Велигден, на големиот христијански празник Спасовден. И оваа година водител на фестивалот ќе биде препознатливото телевизиско лице Ели Танасковска, додека Академијата на доајените ќе биде збогатена со нови, добро познати и докажани имиња од македонската музичка сцена.

Во разговор за Музика24, маестро Горан Алачки открива дел од новитетите што ги подготвува фестивалот:

„Миле Барбаровски за првпат ќе се појави како композитор на песната што ќе ја изведе Блага Петреска, која пак ќе се приклучи на Академијата на доајените. На самиот крај на фестивалот сите изведувачи ќе упатат силна порака која ќе биде и слоган на „Владимирово Фолк Фест 2027“ – „Дајте ни живот без граници“, со порака да се укинат границите на Балканот. Тоа ќе биде порака до сите политичари. Малку ќе еволуираме. Ќе се потрудиме да донесеме нов и ведар музички израз, со цел да избегаме од стереотипноста и сивилото на новосоздадената песна. Во студио влегуваме во февруари, исто како и минатата година, а најдоцна до 1 март ветувам прес-конференција во хотел „Панорамика“, каде што сите заедно повторно ќе ги преслушаме новите композиции“, ексклузивно за Музика24 открива маестро Горан Алачки.

Освен овие ексклузивни детали, Музика24 дознава дека организаторите веќе работат и на ангажирање на неколку познати балкански музички имиња кои ќе бидат дел од третото издание на фестивалот и кои своите песни ќе ги пејат на македонски јазик, а со самото тоа на фестивалот ќе му дадат уште поголема регионална димензија. На сцената ќе се претстават и нови македонски музички имиња, кои ќе се вклучат и бидат дел од третото издание на „Владимирово Фолк Фест“.

Судејќи според најавите на маестро Горан Алачки, третото фестивалско издание ќе донесе свеж концепт, нов музички пристап и силна општествена порака, со што „Владимирово Фолк Фест“ продолжува да се развива како еден од најавтентичните фестивали за новосоздадена македонска народна музика.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: