Комплексот „Македонско село“ во подножјето на Водно од 16 до 18 октомври ќе биде домаќин на првото издание на Винскиот фестивал – Македонско село, кој под мотото „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена посветени на македонското вино, гастрономијата, музиката и традицијата. Фестивалот е замислен како место каде што на едно место ќе се сретнат љубителите на виното, домашните производители и публиката, во амбиент кој природно ја раскажува македонската приказна.
Во винската зона посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од македонски винарии, да ги запознаат нивните производи и да уживаат во различни вински и гастрономски комбинации. Фестивалската влезница чини 1.000 денари, а со неа посетителите на влез добиваат фестивалска чаша и можност за неограничена дегустација на вината од учесниците. Покрај винската понуда, фестивалот ќе има и посебни гастрономски зони – „Вино & Сирење“, „Сладок корнер“, „Кафе & Кроасан“ и „Скара корнер“, со различни вкусови и производи кои ќе го надополнат винското искуство.

Музичката програма ќе биде исклучиво македонска и ќе ги обедини изведувачите од различни генерации и музички жанрови. На фестивалската сцена ќе настапат Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Смиља Митревска, Нино Величковски и неговите тамбураши, тамбурашките состави Ѓезме и Лихнидос, Благица Павловска, Александар Јосифовски, Дамјан Стојановски, како и диџеите Бранчез, Ерик Фокс и Галоски. Програмата ќе започнува во текот на денот, а фестивалските вечери ќе завршуваат со настапи на главната сцена. За посетителите кои сакаат целосно да го доживеат фестивалот, „Македонско село“ подготви и посебна винска викенд-понуда со сместување, појадок, фестивалски влезници и дегустација на вината.

За полесен пристап и безбеден превоз од и до фестивалот, во текот на трите фестивалски дена ќе биде организиран и автобуски превоз кон комплексот „Македонско село“. Автобусите ќе сообраќаат на секои 30 минути од две локации во Скопје – паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“ и последната автобуска постојка кај Цветен пазар, со што посетителите ќе имаат дополнителна можност да стигнат до фестивалот. На фестивалот ќе има содржини и за најмладите, со детски активности, со што Винскиот фестивал- Македонско село е замислен како настан за целото семејство.

Од вино и традиционална храна, преку македонска музика, до автентичниот амбиент на „Македонско село“ – „Вкуси ја Македонија во чаша“ ќе понуди три дена во кои македонските вкусови ќе се спојат со музиката и доброто расположение. 16, 17 и 18 октомври – Вински фестивал – Македонско село „Вкуси ја Македонија во чаша“.

Музичката програма во петок започнува во 16 часот и ќе трае до полноќ, додека за време на викенд деновите музичкиот дел стартува на пладне. Во петок (16 октомври) прв на сцената (во 16 часот) ќе застане диџеј Бранчез, по него следуваат Нино Величковски и неговите тамбураши (17 часот), Благица Павловска (19 часот) и од 20 часот следува настапот на Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд. Во сабота (17 октомври) музичката програма ќе стартува со диџеј Ерик Фокс (12 часот), потоа на сцената ќе настапат тамбурашите Ѓезме (14 часот), од 16 часот е закажан настапот на Александар Тарабунов, по него од 18 часот ќе настапи Александар Јосифовски, а вечерта, односно од 20 часот концерт ќе има Дамјан Стојаноски и неговиот оркестар. Неделата (18 октомври) е резервирана за група Коштана (12 часот), Смиља Митревска (14 часот), Огнен Здравковски (16 часот), Ѓоко Танески (18 часот) и од 20 часот следува настапот на еден од најбараните домашни диџеи Галоски.
