Престижната британска етикета „Лин Рекордс“ го издаде новиот албум на кој нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и Кралскиот шкотски национален оркестар, во изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс. Станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 година во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на ЦД изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.
Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценуваат ова издание на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број 5 – „Египетски“ на познатиот француски композитор.
„Претпоставувајќи дека слушателот веројатно ќе посака да се приклучи, издавачката куќа „Лин рекордс“ мудро го заокружува овој албум со 22 секунди бурен аплауз од публиката, откако македонскиот пијанистички виртуоз Симон Трпчески го заврши својот блескав, енергичен поход низ шармантно ведрото финале на Концертот за пијано бр. 5 од Сен-Санс. Всушност, имав желба да аплаудирам уште за време на првата композиција на албумот, кога Трпчески ги изведе воведните мотиви на Вториот концерт – кои потсетуваат на Бах – со импозантна длабочина на звукот, достојна за оргули во катедрала, за во истиот миг да прејде во етерична леснотија, ритмичка елеганција и неверојатна вештина при изведбата на кристално јасни арпеџа. Притоа, во текот на изведбите во живо во Глазгов, овој пијанист не ја присвојува целата сцена за себе, освен преку повремени „музички намигнувања“. Напротив, доминира впечатокот за едно топло, хармонично единство помеѓу Трпчески, неговиот агилен диригент Томас Сондергард и одличниот Кралски шкотски национален оркестар“, истакнува критичарот на Би-Би-Си музичкиот магазин, Џеф Браун, оценувајќи го изданието со максималните 5 ѕвездички.

Критичарот на францускиот музички месечник „Дијапазон“ подвлекува дека „Двете снимки, снимени во живо во Глазгов со дистанца од неколку месеци, ни го прикажуваат величествениот Симон Трпчески, прикажувајќи го целиот спектар пијанистички способности што го наведоа „Сиетл Тајмс“ да напише дека тој е „најдобриот производ на Македонија од времето на Александар Велики“. … Накратко, Трпчески нè почестува со одлична изведба на пијано“, пишува Пол Де Лои.
„… Симон Трпчески … уште еднаш докажува дека и’ припаѓа на елитата во својата професија – меѓу оние кои не се потпираат врз вештината за сценски настап, туку на работите им приоѓаат од архитектонска перспектива. ЦД за познавачи кои ја ценат интелектуалната длабочина на музиката и лесно можат да се снајдат без евтини трикови“, оценува Дирк Шаус од германски „Онлајнмеркер“.
Уредникот на луксембуршкиот магазин за класична музика „Пицикато“, Реми Френк, пак, за изведбата на Трпчески, оценувајќи го изданието со врвни 5 ноти, подвлекува: „… Свирењето на пијанистот е префинето во својата чувствителност, феноменално во својата техника и апсолутно извонредно во употребата на бои, што исто така прекрасно го истакнува егзотичниот квалитет на музиката“.
Инаку, концертниот распоред, како што информира „КултурОп“, веќе во четврток го води Трпчески во Минеаполис, САД на настапи со Оркестарот на Минесота (чиј музички директор е токму диригентот Сондергард-наша заб.), како и на Тенерифе, каде што ќе концертира со тамошниот Симфониски оркестар. Потсетуваме, на овие, ќе се надоврзат и двете вечери, на 2 и 3 ноември со „Камерниот музички десерт“ во салата на Македонската филхармонија во Скопје, во организација на „Прагма продукција“.
