Скопје наскоро ќе биде во знакот на врвниот светски џез. На 18 ноември, со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе приреди ексклузивен концерт со еден од највлијателните и најпрепознатливи пијанисти и композитори на современата џез-сцена – Michel Camilo, уметник чие име со децении е синоним за виртуозност, иновација и музичка енергија.
Добитник на престижни признанија, меѓу кои Grammy, три Latin Grammy награди и Emmy, Camilo зад себе има импозантна меѓународна кариера исполнета со настапи на најголемите светски сцени, бројни авторски проекти и соработки со врвни музичари од различни жанрови. Неговиот уникатен музички израз претставува моќна комбинација на џез импровизација, класична прецизност и карактеристични карипски ритми, создавајќи звук кој е препознатлив и високо ценет ширум светот. Со својата експлозивна пијанистичка техника и неповторлива сценска енергија, Michel Camilo е еден од уметниците кои постојано ги поместуваат границите на современиот џез.

Во Скопје, светскиот џез-мајстор ќе настапи со своето трио, составено од долгогодишните музички соработници Ricky Rodriguez на контрабас и Mark Walker на тапани. Под диригентската палка на маестро Џијан Емин, Националниот џез оркестар ќе биде дел од оваа специјална музичка приказна која ветува вечер исполнета со врвна интерпретација, динамика и незаборавни моменти.
Концертот претставува исклучителна можност македонската публика во живо да ја почувствува магијата на еден од најголемите светски џез-автори, во проект кој ги обединува богатството на оркестарскиот звук и слободата на џез импровизацијата.
Билетите се достапни онлајн преку MKTickets и на продажните места на мрежата MKTickets.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
