Иако „All I Want For Christmas Is You“ на Мараја Кери со години е симбол на модерниот Божиќ, историјата на музичката индустрија открива поинаков владетел на празничната сцена. Најпродаваната поп-божиќна песна на сите времиња не доаѓа од 1990-тите, туку од далечната 1941 година – легендарната „White Christmas“ во изведба на Бинг Крозби.
Песната е дело на Ирвинг Берлин, еден од највлијателните композитори во американската историја. Роден во Русија, Берлин ја компонирал „White Christmas“ во Калифорнија во 1940 година, а самиот изјавил дека тоа е најдобрата песна што некогаш ја напишал – можеби и најдобрата што некогаш е напишана воопшто.
Бинг Крозби ја изведува песната за првпат на Божиќ во 1941 година во радио-емисијата „Kraft Music Hall“. Подоцна следува студиската верзија, снимена за потребите на филмот „Holiday Inn“ (1942), која иако почетно не наишла на ентузијазам, брзо станала сензација. До 1943 година песната се искачува на врвот на топ-листите, каде што останува 11 недели и освојува Оскар за најдобра оригинална филмска песна. „White Christmas“ поставува рекорди кои и денес изгледаат недостижни. Повторно издавана во 1945 и 1946 година, таа повторно стигнува до број 1 – правејќи ја единствена песна што го постигнала тоа во три различни години со ист изведувач. Поради уништување на оригиналната снимка од прекумерна употреба, верзијата што ја слушаме денес е ре-снимена во 1947 година.
Според Гинисовата книга на рекорди, „White Christmas“ е најпродаваниот сингл на сите времиња, со над 50 милиони продадени копии. Со албумската продажба, бројката достигнува 65 милиони, а со сите преработки – над 100 милиони примероци. Бинг Крозби со право го носи епитетот „Цар на Божик“, бидејќи има дури три песни во Топ 10 најпродавани божиќни хитови на сите времиња – „White Christmas“, „Silent Night“ и „Jingle Bells“.
Листата, интересно, е доминирана од машки вокали. Од 11 песни, жените се појавуваат само во три, а само две се предводени од жени – Мараја Кери и Бренда Ли. Иако не е најпродавана, песната на Мараја останува најуспешната божиќна песна на модерната ера и највисоко пласирана по „White Christmas“. Временски гледано, најголем дел од вечните божиќни хитови доаѓаат од 1940-тите и 1950-тите, златна ера за празничната музика. Особено се издвојува 1958 година, со дури три култни изданија што и денес се неизбежен дел од секој Божиќ.
