Општина Прилеп ги утврди добитниците на наградите и признанијата по повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Одлуката ја донесе Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници на седницата одржана на 22 октомври 2026 година.
Наградите се доделуваат на поединци, институции, организации и компании за нивниот придонес во општествениот, културниот, образовниот, спортскиот, научниот и стопанскиот живот на Прилеп.
Награда за животно дело за Илија Димоски – Шаторо
Наградата за животно дело по повод 3 Ноември му се доделува на Илија Димоски – Шаторо, прв претседател на Општинското собрание – Прилеп во плуралистичкиот демократски период.
Плакети за четири добитници
Плакети ќе им бидат доделени на Црковниот хор при црквата „Св. Петка“ за активното учество во парохискиот богослужбен живот и духовната дејност на храмот, Винарија „Сарика“ за одгледувањето винова лоза и производството на автентично вино, како и на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, по повод 65 години од Меморијалниот музеј „11 Октомври“.
Меѓу добитниците на плакета е и компанијата „Витаминка“, која одбележува 70 години постоење.
Дипломи за осуммина поединци
Дипломи ќе добијат осуммина поединци кои постигнале значајни резултати во своите професионални области:
· Никола Здравески – добитник на златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија.
· Кирил Петрески (постхумно) – долгогодишен драматург и режисер во Театарот „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
· Благица Чатлеска – наставник по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.
· Димитар Димитриоски – прилепски ракометар и најдобар стрелец во Ракометната суперлига на Македонија.
· Стефче Стојковски – музички уметник и член на Ансамблот „Стефче Стојковски“.
· Матеј Белистојаноски – светски и европски првак во карате во својата категорија.
· Антонио Јакимовски – научен работник со високи достигнувања во областа на археологијата и професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
· Марјан Стојаноски – академски уметник и скулптор.
Одлуката за доделување на наградите и признанијата е донесена врз основа на член 43 од Статутот на Општина Прилеп и член 4 од Одлуката за востановување на општински награди и признанија. Таа стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе биде објавена во „Службен гласник на Општина Прилеп“.
Со доделувањето на признанијата по повод 3 Ноември, Прилеп им оддава почит на поединците и институциите кои со својата работа, посветеност и постигнувања оставиле значаен белег во животот на градот и пошироката заедница.
Од Прилеп за Музика 24 известува: Христијан Ангелески
