Постојат песни кои го надживуваат времето, генерациите и музичките трендови. Една од нив без сомнение е „Кад замиришу јорговани“, безвременскиот дует на Дино Мерлин и Весна Змијанац, кој и денес, речиси четири децении подоцна, буди исти емоции како и во моментот кога првпат беше објавен. Малкумина знаат дека приказната за овој голем хит започнала сосема случајно – во една кафеана.
Во едно свое постаро интервју, Дино Мерлин откри дека уште кога ја напишал песната бил убеден дека пред себе има нешто посебно.
„Му реков на мојот менаџер Кемал дека имам хит за сите времиња. Знаев дека сакам да биде дует, но не знаев со кого да ја отпеам“, се присетува Мерлин.
Тогаш следувал момент што ќе ја промени историјата на регионалната музика. Додека седеле во кафеана, Кемал на шега предложил песната да ја отпее Весна Змијанац. Наместо само да се насмее, Мерлин веднаш ја прифатил идејата.
„Го оттурнав со лактот, тој веднаш влезе во жолтиот ‘Голф’ и тргнавме за Белград“, раскажува музичарот.
Неколку часа подоцна пристигнале пред зградата на Радио-телевизија Белград, каде што Весна снимала телевизиско шоу. Иако обезбедувањето не му дозволило да влезе, Кемал успеал да стигне до пејачката и да ѝ пренесе дека Дино има песна што сака да ја слушне. Истата вечер, околу полноќ, сите се собрале во студиото „Аквариус“. Во просторијата биле и легендарниот композитор Корнелије Ковач, како и тогашниот сопруг и менаџер на Весна Змијанац.
„Ја отсвирав песната. Весна побара повторно да ја отсвирам… па уште еднаш. На сите веднаш им влезе во уво. Таа го прекина проектот што веќе го работеше и решивме веднаш да ја снимиме“, раскажува Мерлин.
Само две до три недели подоцна, песната и официјално беше објавена, а остатокот, како што самиот вели, е историја.
„Таа не само што им влезе во уво на луѓето, туку им влезе и во срцето.“
Денес „Кад замиришу јорговани“ е една од најпознатите балкански љубовни песни, а нејзините стихови и понатаму ги пеат различни генерации ширум поранешна Југославија. Токму тие безвременски хитови македонската публика повторно ќе има можност да ги слушне на 28 ноември, кога Весна Змијанац ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Легендарната пејачка оваа година прославува 50 години успешна кариера со јубилејната турнеја „Golden Tour“, а интересот за нејзиниот настап во Македонија ја надмина првичната организација. Поради големата побарувачка, концертот беше преместен од арената „Јане Сандански“ во поголемата арена „Борис Трајковски“, додека датумот останува непроменет – 28 ноември. Сите веќе купени билети ќе важат и за новата концертна локација.
По трите распродадени концерти во Белградската арена, Весна Змијанац продолжува да ја слави својата богата музичка кариера пред публиката низ регионот, а скопската вечер ветува патување низ најголемите хитови што повеќе од пет децении се дел од животите на милиони луѓе. За многумина, тоа нема да биде само концерт. Ќе биде вечер исполнета со спомени, емоции и песни кои одамна престанаа да бидат само музика – тие станаа дел од животните приказни на генерации.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
