Во најновото издание на подкастот „Естраден Лексикон“, зад кој стои познатиот македонски јутубер и пејач Марио Арангеловски, гостуваше младата поп пејачка Тамара Волческа, која со своето присуство донесе свежина, искреност и – ексклузивни вести.
Во пријатната и опуштена атмосфера на разговорот, Волческа откри дека работи на нов музички проект кој веќе предизвикува интерес кај публиката. Станува збор за дует со младиот и талентиран Јасмин Алиевски, име кое сè почесто се споменува на домашната сцена благодарение на неговите впечатливи фестивалски настапи и автентични синглови.
„Снимаме машко-женски дует со Јасмин Алиевски. Верувам дека до почеток на месец јуни ќе имаме и нова дуетска песна“, изјави Волческа, навестувајќи дека публиката нема да чека долго за да го слушне резултатот од оваа соработка.
Овој музички спој ветува интересна комбинација на емоција, енергија и современ звук, а со оглед на тоа што и двајцата артисти градат препознатлив стил, очекувањата се дека песната лесно ќе го најде својот пат до слушателите. Македонската музичка сцена во последно време бележи подем на нови имиња и креативни соработки, а токму ваквите дуети се доказ дека младите артисти сè повеќе се охрабруваат да експериментираат и да создаваат нешто поразлично.
Дали ова ќе биде следниот летен хит – останува да видиме, но едно е сигурно: вниманието веќе е насочено кон Тамара Волческа и Јасмин Алиевски.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
