Секој човек создава свет што наликува на него. Свет исполнет со вредности, соништата што ги носи и љубовта што ја дава. Светот на Ивана Илиевска отсекогаш бил изграден од музика – дури и тогаш кога таа не била на сцена. Растејќи во семејство без професионална музичка традиција, но со огромна љубов и поддршка од своите родители, Ивана уште од најрана возраст била опкружена со различни музички жанрови. Музиката не била правило – била чувство. А чувството, како што вели таа, не може да се научи, туку само да се живее.

Како дете, танцувала хип-хоп „меѓу четири ѕида“, без сцена, без публика, но со страст што подоцна ќе ја однесе на големите подиуми. Својата музичко-танцова приказна официјално ја започнува на 18 години, кога станува дел од тогаш, а и денес, актуелниот танцов клуб „Ултра“ од Куманово. Талентот не останува незабележан. Нејзината кореографка Александра Начевска уште на првата проценка препознава потенцијал и ја упатува да поработи на кондиција, со јасна цел – интернационалниот натпревар организиран од „Прима Данца“. Само по неполни два месеци, Ивана се соочува со огромна публика, камери и жири-комисија. Тоа е нејзиниот прв голем јавен настап – и прва победа. Освојува прво место, а со тоа и сигурност дека уметноста е нејзин природен јазик. Оттука започнуваат и бројните музички и сценски ангажмани. Настапи со македонската естрада, учества на фестивали и интернационални натпревари, секогаш со поддршка на Т.К. „Ултра“.
Публиката ја памети и по настапот со групата ДНК на „Макфест“ во 2009 година, каде што заедно со танчарките од клубот ја добиваат наградата за најдобар сценски настап. Дел е и од видеозаписот на Слаткар за песната „Екстра, екстра“, како и од низа други значајни музички проекти.
Но, животот понекогаш нè води по други, поважни патишта. Ивана одлучува да се повлече од сцената и да се посвети на образованието, завршувајќи ги своите студентски денови на Технолошко-металуршкиот факултет. Потоа доаѓа најубавата животна титула – Мајка. Денес е мајка на две прекрасни деца, од кои едното веќе чекори низ тинејџерските години. Иако сцената замолчува, музиката никогаш не згаснува. Таа постојано ја следи низ животот – тивко, но присутно. Ивана се труди таа љубов да им ја пренесе и на своите деца, без притисок, оставајќи им простор сами да ги откријат своите таленти и патишта кон среќата.

Денес, на 35 години – иако, како што велат блиските, не личи на тие – во неа повторно се буди силна желба. Желба да ја отвори музичката врата, овој пат со јасна мисија: да придонесе кон оживување и негување на македонската музика. Ивана се гледа себеси како мост меѓу старите македонски хитови и новите песни што допрва ќе се создаваат. Таа верува дека иднината е во новите генерации кои ќе ја негуваат македонската музика, исто како што тоа го правеа големите македонски артисти. Како аманет што ни го оставија ДНК, Тоше Проески и многу други – македонската песна да продолжи да живее.

„Народот е желен за музика. Наша, македонска“, вели Ивана. Преку својот Инстаграм профил, таа споделува фотографии и видеа во кои ги спојува старите и новите македонски хитови, испраќајќи порака дека музиката нема време – таа има душа. Верува дека ќе дојде ден кога младите и старите пејачи ќе застанат заедно на една сцена, сплотени, градејќи музички свет исполнет со љубов кон народот. Нејзината визија оди подалеку од сцената – кон сплотен народ, кон почит, кон создавање нови генерации уметници, исто како во спортот, така и во музиката. За Ивана, музиката не е само професија. Таа е животна сила. Музиката оживува. Го допира она што не може да се искаже со зборови. Таа е потврда за истрајност, креативност, сплотеност, љубов и сила. Од секоја нота се раѓа нов чекор. Од секоја нота – нов лик. Да ја почувствуваш музиката, значи да живееш. И затоа, ова не е само камбек. Ова е уметничка кариера. Бидејќи Ивана – е уметник.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
