Музика на кирилица

ЕКСКЛУЗИВНО: По фестивалскиот триумф, Анета Љумаковска ја претвора „Срцево те бендиса“ во вистинска музичка приказна (Фото)

Како што ексклузивно дознава Музика24, деновиве живописниот Охрид беше домаќин на снимањето на видеоспотот за песната „Срцево те бендиса“, најновиот музички проект на Анета Љумаковска. Станува збор за композицијата што оваа година ја освои првата награда на фолк вечерта на 33. издание на фестивалот „Охрид Фест – Охридски трубадури“, а која наскоро ќе добие и своја визуелна приказна.

Пред камерите владееше работна атмосфера исполнета со позитивна енергија, многу насмевки и максимална посветеност. Како и секогаш, Анета не го промени проверениот тим со кој соработува со години. Заедно со Анета Бенд, луѓето на кои им верува и екипата која стои зад нејзините најзначајни проекти, во текот на два снимачки дена беа создадени кадри кои ветуваат спот достоен за песната што веќе ја освои публиката.

За реализацијата на видеоприказната беа задолжени Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија, додека режијата ја потпишува Стив Штуревски, чие искуство, чувство за естетика и препознатлив визуелен израз повторно дојдоа до полн израз. По завршувањето на снимањето, Анета не ја криеше својата благодарност кон сите што беа дел од проектот.

„Од срце сакам да им се заблагодарам на сите кои беа дел од оваа прекрасна приказна. На Арт Студио, Балкан Мјузик тв и КУД „Бисер“ за професионалноста, трпението и посветеноста, на моите колеги од Анета Бенд за безрезервната поддршка и, секако, на Стив Штуревски, кој со својата визија успеа нашата идеја да ја претвори во реалност. Зад секој кадар стојат многу љубов, многу работа и луѓе кои го даваат најдоброто од себе“, вели Анета.

Таа додава дека токму заедништвото е најголемата вредност на секој проект.

„Убаво е кога покрај музиката нè поврзува искрено пријателство, кога и најтешките денови поминуваат со насмевки и кога сите работиме со иста цел. Ова не беше само снимање на видеоспот, туку уште еден спомен што ќе остане засекогаш“.

Иако датумот на премиерата сè уште не е откриен, едно е сигурно – „Срцево те бендиса“, песната која веќе ја освои фестивалската публика, наскоро ќе добие видеоспот што ќе ја заокружи една успешна музичка приказна и ќе ѝ даде нов живот пред пошироката публика. Останува да почекаме уште малку и да видиме како изгледа визуелната приказна што Анета Љумаковска и нејзиниот тим ја создаваа во еден од најубавите македонски градови – Охрид.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: