Фестивали

Моќна порака преку музика: Со „Free Palestine“ свечено отворен 45. Скопје џез фестивал

Со концертот на словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич и неговиот впечатлив проект „Bravery of the Brave: Free Palestine“, свечено беше отворено 45. издание на Скопје џез фестивал, пред бројна публика која ја исполни салата во очекување на уште едно врвно фестивалско издание.

Фестивалот започна со музика што не нуди само естетско доживување, туку и силна општествена порака. Проектот на Каучич, кој во последните години привлече големо внимание на европската џез сцена, ја користи музиката како средство за слободно изразување, солидарност и поттикнување на критичката мисла.

Директорот на Скопје џез фестивал, Оливер Белопета, истакна дека станува збор за исклучително значаен проект кој уште од својата премиера на фестивал во Италија предизвикал голем интерес кај европската публика.

„Златко Каучич на македонската публика ѝ е добро познат по своите претходни настапи во Скопје, а овојпат се претставува како диригент, композитор и аранжер. Проектот, кој првично беше посветен на борците за човекови права, денес испраќа порака на солидарност со палестинскиот народ“, рече Белопета, најавувајќи ја и богатата фестивалска програма.

Каучич, музичар со повеќе од шест децении активна кариера и автор на над шеесет албуми, повторно ја потврди својата репутација како еден од најзначајните европски уметници на современата импровизирана музика. Неговата изведба беше наградена со долг и искрен аплауз од присутните. На сцената му се придружија Јуре Боршич, Иван Пилат (саксофони), Франческо Ивоне (труба), Јан Јарни и Јантон Лоренцути (електрични гитари), Тими Времец (бас), Жига Ипавец, Томи Новак и Роби Ерзетиќ на тапани, перкусии, синтисајзер и семплер.

Како композитор и уметнички директор, Каучич предводеше ансамбл составен од свои поранешни студенти и реномирани италијански музичари, создавајќи моќен звучен пејзаж исполнет со енергија, импровизација и силна експресија. Спојот на саксофони, труба, електрични гитари, бас, тапани, синтисајзер и разновидни перкусии резултираше со концерт кој постојано ја држеше публиката во неизвесност и восхит. „Bravery of the Brave“ е повеќе од музички проект – тоа е уметнички манифест кој ја нагласува важноста на заедништвото, отпорот кон неправдата и борбата за човечкото достоинство. Со неговото обновување во 2024 година под насловот „Bravery of the Brave: Free Palestine“, оваа порака добива дополнителна современа тежина, претворајќи ја музиката во универзален јазик на солидарноста и надежта.

По свеченото отворање, фестивалската програма продолжи со настапот на австрискиот тенор-саксофонист, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, препознатлив по својата нескротлива имагинација и неконвенционален музички пристап.

Првата фестивалска вечер беше заокружена по полноќ на малата сцена во Македонската опера и балет, каде што настапија Пасквале Мира и легендарниот американски тапанар Хамид Дрејк со проектот „Lhasa“. Дуото, кое успешно соработува од 2008 година, уште еднаш покажа дека импровизацијата и ритамот можат да создадат уникатен музички дијалог кој остава силен впечаток кај публиката.

Со ваков почеток, 45. издание на Скопје џез фестивал најавува уште неколку вечери исполнети со врвни музички имиња, креативност и автентични уметнички доживувања.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: