Еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонската народна музика, Наум Петрески, деновиве ја претстави својата најнова песна со наслов „Една солза“ – емотивна балада која уште на прво слушање го освоила неговото срце, а веќе ги буди емоциите и кај публиката.
Песната носи длабока и искрена приказна, а зад неа како комплетен автор стои Јован Василевски, со кого Петрески со години гради успешна и плодна музичка соработка. Токму таа авторско-изведувачка синергија повторно резултира со дело кое ја истакнува автентичноста и интерпретаторската зрелост на пејачот.
„Една солза“ не е само нов сингл, туку и увертира во период исполнет со интензивна работа и креативна енергија. Од тимот на Наум Петрески најавуваат дека публиката во наредниот период ќе биде сведок на низа нови песни, видеоспотови и интересни соработки кои ќе го збогатат неговиот музички опус.
Покрај тековните проекти, се подготвува и еден особено значаен музички момент кој е планиран за 2027 година и кој, според најавите, ќе претставува еден од најголемите врвови во кариерата на Наум Петрески.
Во продолжение, слушнете ја нова балада – „Една солза“, со која што Наум Петрески уште еднаш потврдува дека искрената емоција и квалитетната народна песна секогаш го наоѓаат патот до слушателите.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
