Премиера

„Разгледница“ од Занаду – песна што ќе ви остане во глава уште по првото слушање (Видео)

Македонскиот бенд Занаду продолжува сигурно да го гради својот пат кон регионалната публика. По успешниот сингл „Ураган“, момците од Скопје ја претставуваат „Разгледница“ – песна што носи заразна мелодија, топла атмосфера и порака која останува долго по последниот отсвирен тон.

Со два студиски албума зад себе и првиот дискографски договор со хрватската независна издавачка куќа interstellaR, Занаду веќе не се само едно од најинтересните имиња на домашната сцена. По настапите во Загреб и Риека во изминатите две години, нивната музика сè посилно го освојува и регионот. „Разгледница“ е песна што повикува на будење – да не бидеме неми сведоци на сопствениот живот, туку луѓе кои се осмелуваат да направат чекор напред. Авторот на текстот, Карло Јованоски, вели дека песната е инспирирана од секојдневието и од желбата обичните моменти да станат нешто посебно.

„Разгледница“ е песна која треба да нè потсети да не бидеме неми набљудувачи на животот, туку да преземеме одговорност за работите околу нас, дури и кога се далеку надвор од нашата зона на комфор. Да нема пропуштени возови, потрошена младост и премолчени грубости – да си бидеме идоли едни на други, да бидеме движење и да имаме цел. Песната е инспирирана од секојдневието, со цел да го направи несекојдневно. Разгледница која, ако се прочита доцна во ноќта, ќе го промени утрото“, објаснува авторот на текстот Карло Јованоски.

Музички, песната лесно се вовлекува под кожа. Впечатливиот рефрен, заразниот ритам и нежната романтична атмосфера природно асоцираат на духот на легендарните Идоли, кои биле инспирација и при снимањето на видеоспотот. Минималистичката естетика, големото бело студио и ретро-визуелниот пристап успешно ја доловуваат магијата на новиот бран од почетокот на осумдесеттите.

ZANADU - RAZGLEDNICA

За визуелниот дел се погрижија Марија Грчева, која го монтираше видеото, додека камерата, колор-корекцијата и постпродукцијата ги реализираше Димитар Атанасоски.

Занаду одамна покажаа дека не се само уште еден млад бенд. Од тинејџерска дружина тие израснаа во сериозни музичари и автори кои внимателно го градат својот препознатлив звук. Новиот договор со interstellaR им отвора нови хоризонти, а „Разгледница“, исто како и „Ураган“, има сè што е потребно за да допре до публиката низ целиот Балкан.

Песната „Разгледница“ е достапна на сите стриминг-платформи во издание на interstellaR.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: