Во прв ред

Калиопи испиша нова музичка историја: Арената „Борис Трајковски“ пееше во еден глас, а „Лаж“ доживеа спектакуларна премиера (Фото)

Македонската поп-дива Калиопи уште еднаш покажа зошто со децении е едно од најголемите музички имиња на овие простори. Во преполната Арена „Борис Трајковски“ приреди концерт кој долго ќе остане во колективната меморија – вечер исполнета со емоции, моќни вокални изведби, спектакуларна продукција и публика која од првата до последната песна пееше во еден глас. По краткото исчекување додека посетителите ги заземаа своите места, сцената ја осветли Калиопи, а салата експлодираше од аплауз и овации. Веднаш ја поздрави својата верна публика и порача дека ова нема да биде само концерт, туку вечер во која сите заедно ќе го разбудат детето во себе.

„Прославувам 50 години кариера – од мојот прв настап на „Златно славејче“, а во декември ќе наполнaм и 60 години“, рече Калиопи, предизвикувајќи нов бран аплауз. Со препознатливата искреност откри дека најчестото прашање кое го добива е кој крем го користи за да изгледа толку добро, а одговорот ја освои публиката.

„Не е крем. Тоа сте вие. Енергијата што ми ја давате ми овозможува и јас да бидам тоа што сум.“

Токму таа енергија се чувствуваше во текот на целиот концерт. Илјадници мобилни телефони го создадоа препознатливото „ѕвездено небо“, а безвременските хитови на Калиопи одекнуваа од сите страни на арената. Еден од најсилните моменти на вечерта беше премиерата на новата песна „Лаж“, која Калиопи ја создаде заедно со својот долгогодишен соработник Ромео Грил. Тоа беше дополнително изненадување и истовремено ексклузивната премиера на видеоспотот за новата песна „ЛАЖ“, кој присутните имаа можност први да го видат, непосредно пред неговото официјално објавување. По првата изведба следуваше громогласен аплауз, уште една потврда дека ова авторско дуо повторно создаде песна што лесно ќе го најде патот до публиката.

Концертот беше исполнет и со внимателно подготвени изненадувања. На сцената настапи детскиот хор „Пиколо“, во кој, како што потсети Калиопи, и самата пеела како дете. Заедно ја изведоа новата песна „Бебе“, создавајќи еден од најемотивните моменти на вечерта. Посебно внимание привлече и осумгодишниот Николче – момчето кое претходно ја освоило Калиопи кога заедно со неа ја испеало „Македонско девојче“. По емотивното видео кое беше прикажано на огромниот ЛЕД-екран, Николче повторно се качи на сцената. Заедно со Калиопи ја испеаја легендарната песна, прошетаа по продолжените делови од бината и добија овации какви ретко се слушаат.

Во публиката не останаа незабележани ниту најмалите обожаватели. Едно момче не престана да ги пее сите песни, додека осумгодишно детенце со нетрпение чекаше да биде качено на оградата само за подобро да ја гледа својата омилена пејачка.

Визуелниот дел од спектаклот заслужува посебно внимание. Огромните ЛЕД-екрани постојано носеа нови визуелни приказни – стари фотографии, видеоанимации, архивски снимки, модерни графички решенија и милион различни интерпретации на името Калиопи, внимателно усогласени со секоја песна. Во комбинација со сценските светла и продолжената бина, продукцијата изгледаше на светско ниво.

А кога на сцената се појави Слаткаристика, атмосферата достигна нов врв. Заедничката изведба уште еднаш покажа зошто нивната соработка секогаш буди силни емоции кај публиката.

Она што најсилно се почувствува во текот на целата вечер беше љубовта меѓу Калиопи и нејзината публика. Во арената имаше неколку генерации – од најмалите, до оние кои растеле со нејзините песни – но сите пееја како еден. И токму затоа, ова не беше само концерт. Беше прослава на пет децении музика, љубов и доверба меѓу уметник и публика.

А ако нешто мора да се издвојува како посебен впечаток, тоа е продукцијата зад која стои „Прагма продукција“. Од сценографијата и видеосодржините, преку осветлувањето и динамиката на програмата, до секој внимателно осмислен детал – Скопје одамна не памети концерт реализиран на вакво продукциско ниво. Калиопи не одржа само концерт. Таа уште еднаш потврди дека е институција на македонската музика, а вечерта во „Борис Трајковски“ ќе остане запаметена како еден од највпечатливите домашни музички спектакли во последните години.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Фото: Прагма продукција

Можеби ќе ве интересира: