Во прв ред

„Дип Парпл“ со „Денес над Македонија“ за последен пат во Скопје (Фото)

Со звуците на македонската химна „Денес над Македонија“, во изведба на клавијатуристот Дон Ејри, легендарните британски рокери „Дип Парпл“ ѝ оддадоа почит на земјата домаќин, на својот последен концерт во Скопје, во арената „Т“ во комплексот „Борис Трајковски“.

Пред македонската публика, бендот ги изведе некои од најголемите хитови од својата богата музичка кариера, меѓу кои „Smoke on the Water“, „Lazy“, „Black Night“ и „Highway Star“. Фронтменот Ијан Гилан, полн со енергија, ги предводеше изведбите на безвременските рок-класици, внесувајќи ја препознатливата сценска енергија по која е познат со децении. Клавијатуристот Дон Ејри, покрај извонредните соло-изведби, со македонската химна приреди посебен момент на концертот, кој ја истакна врската меѓу светската рок-музика и публиката во Скопје.

На сцената настапија и тапанарот Ијан Пејс, басистот Роџер Гловер и гитаристот Сајмон Мекбрајд. Заедно со Гилан и Ејри, тие ја продолжија музичката приказна на еден од највлијателните бендови во историјата на хардрокот, оставајќи уште едно концертно сеќавање за македонската публика.

Историјата на „Дип Парпл“ е обележана и со музичари кои оставија длабока трага во развојот на светската рок-музика. Меѓу нив се гитаристот Ричи Блекмор, препознатлив по моќните гитарски рифови и авторскиот придонес во создавањето на звукот на бендот, и клавијатуристот Џон Лорд, чии класично инспирирани композиции и препознатливиот звук на оргуљите „Хамонд“ станаа еден од заштитните знаци на „Дип Парпл“.

Значаен период во историјата на групата е и оној со пејачот Дејвид Ковердејл и басистот и вокалист Глен Хјуз, кои придонесоа за нова музичка насока и поизразени соул и фанк-влијанија, особено на албумите „Burn“ и „Stormbringer“, објавени во 1974 година. Основани во 1968 година во Англија, „Дип Парпл“ повеќе од пет децении се меѓу највлијателните имиња на хардрокот. Нивната дискографија опфаќа повеќе од дваесет студиски албуми, бројни концертни изданија и компилации, а според официјалната биографија на бендот, нивните албуми се продадени во повеќе од 100 милиони примероци ширум светот.

Текстот го подготви: Даниел Ѓорѓевски

Фото: Музика24

Можеби ќе ве интересира: