Македонската џез сцена на 28 октомври ќе добие уште една незаборавна концертна вечер. Со почеток во 20 часот, во салата на Македонската опера и балет, Националниот џез оркестар ќе приреди свечен концерт со кој ќе му оддаде признание на еден од најистакнатите македонски тромбонисти, композитори и аранжери – Сашко Николовски, по повод 40 години негово музичко творештво.
Концертот, симболично насловен „Четири децении музика и инспирација“, ќе претставува музичко патување низ богатата кариера на Николовски. Под диригентската палка на Џијан Емин, публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма составена од негови авторски композиции, препознатливи аранжмани, но и дела од македонски автори со кои соработувал и оставил значаен белег на домашната музичка сцена. Во текот на четири децении, Сашко Николовски изгради препознатлив музички израз, оставајќи силен печат како инструменталист, автор и аранжер. Неговата работа е поврзана со бројни оркестри, бендови и разновидни музички проекти, а неговите композиции успешно ги спојуваат современиот џез, богатите мелодиски идеи и енергичните ритми. Особено место во неговата кариера има авторскиот албум „Not for Sale“, кој претставува значаен дел од неговиот композиторски опус.
Концертот не е само прослава на еден значаен јубилеј, туку и можност публиката одблиску да ја почувствува еволуцијата на македонскиот џез преку делото на музичар кој со години инспирира генерации инструменталисти и љубители на оваа музика.
Билетите за концертот се веќе во продажба и можат да се набават онлајн преку „МК тикетс“, како и на нивните продажни места.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
