Во прв ред

Одбројувањето започна: Крива Паланка на 27 ноември ќе заблеска во новогодишен сјај (Фото)

Новогодишната магија годинава во Крива Паланка започнува порано од календарот. На 27 ноември, точно во 19:00 часот, Градскиот плоштад ќе се претвори во празнична сцена каде што со свечено палење на новогодишната елка и украсното осветлување ќе биде означен почетокот на највеселиот период од годината. Под светлината на илјадници празнични светилки, посетителите ќе имаат можност да уживаат во вечер исполнета со музика, детска радост и вистинска новогодишна атмосфера. За доброто расположение ќе се погрижи DJ Bono, кој ќе ја збогати вечерта со музички сет создаден за празнично расположение.

Од Општина Крива Паланка велат дека годинава градот ќе блесне со уште побогато празнично украсување, а свеченото палење на светилките ќе биде увертира во богатата програма што ќе следува во рамките на новогодишниот базар.

„Најубавиот украс на Крива Паланка се токму дечињата, а нивната радост е нашата најголема мотивација. Оваа година градот ќе заблеска со уште поубаво украсување и впечатливи празнични декорации. Нè очекува и богата програма на новогодишниот базар, со содржини за најмладите и радост за целото семејство. Ве поканувам на 27 ноември заедно да ги запалиме празничните светилки и да ја започнеме нашата новогодишна приказна“, порача градоначалникот Сашко Митовски.

Организаторите ги покануваат сите граѓани, посетители и медиумски екипи да бидат дел од овој свечен настан и заеднички да го означат почетокот на празничната сезона. Доколку сакате да ја почувствувате првата новогодишна магија, да уживате во празничната атмосфера и да создадете убави спомени со најблиските, тогаш Крива Паланка е местото каде што треба да бидете на 27 ноември.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: