World Music

Лејди Гага стана мајка? Пејачката првпат фотографирана со бебе (Фото)

Светските медиуми пренесуваат дека поп-ѕвездата Лејди Гага и нејзиниот свршеник Мајкл Полански наводно станале родители. Веста прв ја објави Page Six, откако парот бил фотографиран за време на семејна прошетка, а 40-годишната пејачка во носилка на градите носела бебе. Иако фотографиите предизвикаа огромен интерес, засега нема официјална потврда од Лејди Гага или од нејзиниот тим. Исто така, не се познати полот на детето, датумот на раѓање, ниту пак дали пејачката самата се породила или детето е добиено со помош на сурогат-мајка.

Во последните неколку месеци Гага речиси целосно се повлече од јавноста. Последен пат беше видена во август кога направи селфи со обожавателка, додека нејзино последно официјално појавување беше на премиерата на концертниот филм „Mayhem Requiem“.

Лејди Гага никогаш не криела дека сака да стане мајка. Во интервју за емисијата „The Late Show“ со Стивен Колберт минатата година изјави дека, покрај сите професионални планови, најмногу посакува токму тоа.

„Она што навистина го сакам е да бидам мајка. Се надевам дека тоа ќе биде мојата следна најважна животна улога“, изјави тогаш Гага. Во интервју за магазинот InStyle зборуваше со воодушевување за мајчинството.

„Неверојатно е на што се способни жените. Во нас може да расте нов човечки живот, а потоа наша задача е да му помогнеме да расте и да живее“, рече пејачката.

Во разговор за Elle, музичарката, чие вистинско име е Стефани Џоан Анџелина Џерманота, откри дека со својот свршеник многу разговарале за идното родителство.

„Сакам моите деца самите да откријат кои се. Не сакам да им кажувам што треба да мислат за мене или за мојата кариера. Единственото што би сакала да знаат е дека секогаш се трудев да бидам верна на себе“, изјави таа.

Лејди Гага и претприемачот Мајкл Полански првпат беа поврзани во 2020 година, кога беа фотографирани заедно во Лас Вегас. Набрзо потоа ја потврдија врската преку Инстаграм, а за време на пандемијата на Ковид-19 живееја заедно. Во јули 2024 година Гага откри дека двајцата се свршиле, кога за време на Олимписките игри во Париз го претстави Полански како свој свршеник.

Доколку информациите се покажат точни, ова ќе биде првото дете за славната музичка ѕвезда и ново, големо поглавје во нејзиниот приватен живот. Сепак, јавноста сè уште ја очекува официјалната потврда од Лејди Гага.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: