Што би направиле доколку не морате секој месец да размислувате како ќе ги платите сметките, туку целото свое време да го посветите на она што најдобро го знаете – да создавате? Токму на ова прашање Ирска се обидува да даде конкретен одговор преку програмата „Basic Income for the Arts“, со која на професионални уметници им обезбедува редовен месечен приход од 1.413,21 евро во период од три години.
Не станува збор за класична субвенција или еднократен грант, туку за финансиска сигурност која треба да им овозможи на творците да работат без постојаниот притисок да бараат дополнителни ангажмани само за да обезбедат егзистенција.
Во програмата се вклучени 2.000 професионални уметници, додека интересот бил повеќекратно поголем. За поддршката аплицирале повеќе од 10.000 кандидати, а избрани се само оние кои ги исполнувале утврдените критериуми и можеле да ја докажат својата професионална уметничка активност.
Мерката првпат беше воведена како пилот-проект во 2022 година, а резултатите покажале дека редовниот приход носи повеќе од финансиска стабилност. Учесниците пријавиле значително намален стрес, подобро ментално здравје, поголема продуктивност и многу повеќе време посветено на творештвото. Пораката што ја испраќа Ирска е јасна – уметноста не треба да зависи исклучиво од продажбата на билети, повремените хонорари или проектното финансирање. Ако едно општество сака богата културна сцена, тогаш треба да инвестира и во луѓето што ја создаваат.
Овој модел повторно ја отвора дебатата низ Европа: дали државите треба повеќе да вложуваат во музичарите, актерите, писателите, ликовните уметници и останатите креативци, чија работа често е од огромно општествено значење, но ретко носи сигурни месечни приходи? За многумина, ирскиот пример претставува доказ дека вложувањето во културата не е трошок, туку инвестиција во идентитетот, креативноста и иднината на едно општество.
Останува прашањето – дали ваков модел некогаш би можел да стане реалност и во другите европски земји, вклучително и Македонија? За бројните музичари, актери и други уметници кои живеат од проект до проект, ваквата поддршка би можела да значи многу повеќе од финансиска помош – би значела можност конечно да се посветат на она што најдобро го прават: да создаваат.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
