Педесет години откако четворица тинејџери од Даблин ја започнаа приказната што ќе ја промени рок-музиката, U2 ја отвораат следната страница од својата кариера. Легендарниот бенд се враќа со нов студиски албум, звучни музички соработки и најавена светска турнеја, со која ќе го одбележи својот голем јубилеј.
На 13 ноември официјално излезе „Carnaval de Luz“, 16-тиот студиски албум на U2 и нивното прво издание со целосно нови песни по „Songs of Experience“ од 2017 година. Албумот содржи 12 композиции, создадени во соработка со долгогодишниот продуцент Jacknife Lee, а низ нив се испреплетуваат темите што отсекогаш биле препознатлив дел од музичкиот идентитет на групата – пријателството, верата, надежта и слободата. Насловот „Carnaval de Luz“ („Карневал на светлината“) не е случаен. Тој го заокружува музичкиот циклус што U2 го започнаа оваа година со изданијата „Days of Ash“ и „Easter Lily“. Иако сите три проекти биле снимани во ист период, членовите на бендот намерно го оставиле „Carnaval de Luz“ за крај, симболично следејќи го календарот во кој карневалот му претходи на постот.
Меѓу песните што веќе предизвикуваат интерес е „Silencio“, динамична композиција инспирирана од сурф-панк звукот од раните години на рокенролот. Во „The Greatest Show On Earth“ свој печат остава и легендарниот Brian Eno, кој покрај тоа што свири синтисајзери, се потпишува и како коавтор. Во создавањето на песната „Glorify“ учествува и светски познатиот диџеј и продуцент Martin Garrix, носејќи современ музички пристап во препознатливиот звук на U2.
Посебно внимание привлекува и емотивната завршна песна „Torn“, во која Bono првпат ги здружува силите со кантри-легендата Dolly Parton. Песната зборува за разделено семејство и е создадена во соработка со Johnny McDaid, додека на педал стил гитара свири прочуениот Daniel Lanois. Заедно со албумот беше објавена и специјална верзија на песната, продуцирана од Kent Wells, како и официјално lyric-видео. По повод јубилејот, U2 го враќаат во живот и легендарното фан-списание „Propaganda“, кое првпат беше објавено во 1986 година. Специјалното издание на 128 страници носи необјавени белешки од тефтерите на Bono, текстови од песните, архивски фотографии и ексклузивни разговори со луѓето кои учествувале во создавањето на новиот албум.
Членовите на бендот се навраќаат и на своите почетоци – моментот кога Larry Mullen Jr. поставил едноставна објава на училишната огласна табла во Даблин, барајќи музичари за нов бенд. Токму таа објава во 1976 година беше почетокот на една од најуспешните рок-кариери во музичката историја.
Прославата на 50-годишниот јубилеј ќе продолжи и на концертните сцени. Во 2027 година, U2 ќе тргнат на светска турнеја под името „The Greatest Show On Earth“. Првиот концерт ќе се одржи на 23 февруари во Мексико Сити, а европскиот дел започнува на 26 април во Стокхолм, каде илјадници фанови ќе имаат можност повторно да ги слушнат во живо безвременските хитови, но и новите песни од „Carnaval de Luz“.
Со нов албум, силни музички соработки и амбициозна светска турнеја, U2 и по пет децении остануваат еден од највлијателните и најпочитувани рок-бендови на светската музичка сцена.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
