Премиера

Јаков Јозиновиќ и Џејла Рамовиќ ја претставија долгоочекуваната „Suze“ – дует кој веќе го освојува регионот (Видео)

Она што со месеци беше тема на музичките фанови ширум регионот, конечно доби своја музичка форма. Јаков Јозиновиќ и Џејла Рамовиќ официјално ја објавија својата прва заедничка песна „Suze“, дует кој уште пред премиерата предизвика огромен интерес и високи очекувања.

Станува збор за емотивна музичка приказна во која се спојуваат два исклучителни вокали и две генерации публика, а резултатот е песна која носи силна емоција, современ звук и препознатлива интерпретација. Веднаш по објавувањето, „Suze“ стана достапна на сите дигитални музички платформи, додека видеоспотот веќе ги привлекува првите позитивни реакции од публиката. Интересно е што идејата за оваа соработка не се родила во студио, туку на сцена. Како што откриваат двајцата, сè започнало пред неколку месеци за време на концертот на Јаков Јозиновиќ во белградскиот Сава Центар, кога заедно со Џејла ја изведоа песната „Trebaš li me“. Токму тогаш ја почувствувале посебната музичка хемија и сфатиле дека нивните гласови совршено се надополнуваат.

Јаков признава дека долго време посакувал да сними дует токму со Џејла.

„Отсекогаш сакав еден ден да снимам дует со Џејла и често размислував да направиме нешто заедно. Таа е неверојатна пејачка со исклучителна емоција во гласот и посебен начин на интерпретација. Веднаш почувствував дека можеме да создадеме нешто навистина убаво. „Suze“ е песна во која вложивме многу емоции и едвај чекавме да ја споделиме со публиката“, изјави Јаков.

Од своја страна, Џејла Рамовиќ вели дека уште од самиот почеток верувала во талентот на Јаков и со задоволство ја прифатила идејата за заедничка песна.

„Јаков го поддржувам од првиот ден и навистина верувам во неговиот талент. На концертот во Сава Центар почувствувавме колку природно се спојуваат нашите гласови и енергии. Емоцијата што тогаш ја споделивме со публиката беше инспирација да создадеме песна која ќе ја пренесе истата магија. Пресреќна сум што ‘SUZE’ конечно е пред публиката и со нетрпение ги очекувам нивните реакции“, откри Џејла.

Со „Suze“, Јаков Јозиновиќ и Џејла Рамовиќ ја претворија концертната магија во заедничка музичка приказна која уште пред објавувањето важеше за една од најочекуваните регионални премиери. Судејќи според првите реакции, нивната соработка има сè што е потребно да се вброи меѓу најголемите музички хитови на годината. Песната и официјалниот видеоспот веќе се достапни за публиката, а останува да се види колку брзо „Suze“ ќе го освои врвот на регионалните музички листи. Едно е сигурно – Јаков и Џејла ја оправдаа довербата и очекувањата на своите бројни обожаватели.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: