Имам нешто да те прашам

Григор Копров: Кога се претставува Македонија, треба да се одбере само најдоброто (Фото)

По неколкугодишна пауза, Македонија во 2027 година повторно ќе се врати на најголемата европска музичка сцена – Изборот за песна на Евровизија, кој следната година ќе се одржи во Бургас, Бугарија. Веста што ја објави Македонската радио-телевизија предизвика голем интерес кај домашната јавност, а со неа повторно се отворија прашањата како треба да изгледа изборот на македонскиот претставник, каква песна ѝ е потребна на Македонија и што е неопходно за достојно претставување пред европската публика.

Токму затоа, музичкиот портал Музика24 разговараше со еден од најистакнатите и најреномирани македонски композитори – Григор Копров, автор чие име е нераскинливо поврзано со современата македонска музика. Копров е автор на легендарната композиција „Не зори, зоро“, песната со која Владо Јаневски во 1998 година во Бирмингем, Обединетото Кралство, ја претстави Македонија на Евровизија – првото официјално македонско учество на ова престижно европско музичко натпреварување.

Како човек кој одблизу го познава евровизискиот концепт и има оставено длабок авторски печат во историјата на македонската музика, Григор Копров во интервјуто за Музика24 отворено зборува за враќањето на Македонија на Евровизија, за критериумите според кои треба да се избере нашиот претставник, за тоа каква песна има најголеми шанси да ја претстави државата на најдобар можен начин, но и испраќа искрени совети и пораки до организаторите, МРТ и сите оние кои ќе бидат вклучени во процесот на избор.

Што порача еден од најискусните македонски композитори и како ја гледа евровизиската иднина на Македонија, прочитајте во интервјуто што следува.

Музика24: Вие ја имавте честа како автор да ја создадете првата македонска евровизиска композиција „Не зори, зоро“, со која Владо Јаневски во 1998 година ја испиша историјата како прв претставник на независна Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, Велика Британија. Како започна соработката токму со Владо Јаневски и како се роди идејата за „Не зори, зоро“? Колку бевте свесни во тој момент дека не создавате само песна, туку композиција која ќе остане запаметена како почеток на македонската евровизиска приказна и еден од најзначајните симболи на нашето музичко претставување пред Европа?

Григор Копров: Тогаш имаше конкурс – Скопски фестивал. Јас тогаш испратив три песни: „Не зори, зоро“ со Владо Јаневски, „Самовилска свадба“ со Гиш и Дуле и Коки – „Дај ми шанса“, сѐ со идеја барем една да ми примат. Ги примија сите три.

Владо беше многу популарен. А јас бев најнесреќниот човек кога победи Владо. Мој фаворит беше „Самовилска свадба“. Таа беше втора, а Дуле и Коки беа трети. Бев најнесреќниот човек, затоа што „Самовилска свадба“ таму ќе поминеше феноменално.

Но, се случи тоа што се случи. Таа песна беше нешто ново. „Не зори, зоро“ е убава песна, но светот веќе имаше чуено многу такви песни. Беше квалитетна песна и не е тоа во прашање, но вистински погодок ќе беше „Самовилска свадба“. Таа песна е пример како треба да се користи нашиот фолклор.

Музика24: Неодамна Македонската радио-телевизија официјално потврди дека Македонија по неколкугодишна пауза повторно ќе настапува на Изборот за песна на Евровизија. Како композитор кој со децении е директен сведок и креатор на македонската музичка сцена, како ја оценувате оваа одлука? Според Вас, дали ова е можност за вистинска афирмација на современата македонска музика или успехот ќе зависи пред сè од начинот на кој ќе биде избран нашиот претставник? Што треба да биде пресудно – квалитетот на песната, авторскиот тим, сценскиот настап, харизмата на изведувачот или, можеби, јасна стратегија за настап пред европската публика?

Григор Копров: Прво, голема и катастрофална грешка е што се повлековме од Евровизија. Од себе ќе почнам. Кога јас ќе доживеам некој пораз, каков и да е, не ги обвинувам Јанко, Петко, Станко, туку си ја барам грешката кај себе. Ќе прашате зошто? Велат дека не нè сакаат, гласањето било вакво, онакво и дека не ни е местото на Евровизија. Мене, ако милијарда и пол луѓе ме гледаат и јас во тој пренос слушнам „Македонија“, доволно ми е да учествувам.

Друго, на сите скептици да им кажам нешто. По претпоставка, ако сите композиции на Евровизија се со подеднакво ист квалитет, некој ќе биде прв, некој, пак, последен. Што е проблемот? Енгелберт Хумпердинк ја претставуваше Англија на Изборот за песна на Евровизија. Сите да ги собереш пејачи, ја немаат таа слава и големина како пејачот Хумпердинк. Во 2012 година на Евровизија беше претпоследен. Дали се повлече Англија? Бони Тајлер пееше ли на Евровизија? Исто така беше меѓу последните. Дали се повлекоа од изборот?

Значи, прашањето е следно: дали ние правиме сè за да ја одбереме најдобрата песна? Досега – не. Мора организаторот, односно Македонската радио-телевизија, на која искрено ѝ честитам, да има јасни критериуми. Кога ја претставуваш државата, нема ни син, ни брат, ни пријател. Ти си должен да го одбереш најдоброто.

Еве, на пример, мене лошо ми звучи песната за Детската Евровизија, онаа со која учествувавме и каде што бевме последни. И не велам дека Николче Мицевски не направил сè. Во границите на неговите можности, верувам дека направил сè најдобро. Ама, дали ако Македонската радио-телевизија нарачаше уште десет песни и се појавеше некое младо момче од музичка академија кое ќе направи и модерна, и десет пати подобра песна, ќе учествував и јас, да речеме, на тој конкурс? Дали ние го правиме тоа? Не. И после ѓаволот ни е крив.

Еве порака: имате еден пејач, направете конкурс. Сите што знаат да пишуваат, да компонираат и слично, нека се пријават, па направете селекција. Тука не треба да постои само жири-комисија. Народот е жири-комисија. Секаде песната ја избира народот. Ќе гласа народот со телевоутинг, плус, ако треба, некоја стручна комисија. Ќе ги споиш тие резултати и последен да си, не е срамота. Ама срамота е ако за државата не направиш сè за да ја претставиш со најдоброто што го има во моментот. Тоа е срамота.

Велат: во Македонија немој ни да свириш, ни да пееш, ни да играш. А помузикален народ од Македонците нема. Што треба повеќе? Јас велам: „Мојата песна е најдобра“, а никој не ја слуша. Каква е таа песна?

Музика24: Во изминатите години Македонија на Евровизија доживеа и моменти на гордост, но и разочарувања. Како автор кој со децении ја гради македонската музичка сцена, ако денес Вие би требало да издвоите една најважна лекција од сите наши евровизиски настапи, која би била таа? Што мора да направиме поинаку за Македонија во Бургас да настапи со јасен идентитет, силна авторска визија и песна што ќе биде конкурентна на европската сцена, наместо повторно да ги повторуваме грешките од минатото?

Григор Копров: Прво и основно, треба да се има одличен вокал, а потоа треба да се има добар видеоспот, добро осмислен настап… Не можеш да се претставиш со пејач кој има ограничени гласовни квалитети. Тој може да има добра боја на гласот, но за да направиш добра песна која ќе биде на едно високо, да не речам светско ниво, мора да имаш пејач кој ќе има распон на гласот, да има две октави, а не да размислувам дали ќе фати некој тон повисоко или пониско, или пак не. Не може секој да те претставува на Евровизија. Мора да одат најдобрите, а во Македонија има навистина најдобри пејачи.

Музика24: Според Вас, кои се најдобри пејачи во моментов во Македонија?

Григор Копров: Имаме многу добри пејачи. Ја имаме Каролина, Калиопи, Ана Петан, која е феноменална, па и онаа малата е одлична пејачка – Антониа Гиговска. Можеби во моментов некого ќе изоставам, нека не ми замерат. Но, мора да има песна направена исклучиво за тој пејач. На пример, што можеш да направиш со една композиција која е една октава и еден тон? Што ќе покажеш?!

Тоа беше со песната на Тоше Проески која отиде на Евровизија. Што да покаже со детска песна? Јас не велам дека тоа е лоша песна, но не беше за Тоше.

Еве искрена препорака и совет до директорот на Македонската радио-телевизија, на кој му честитам за постапките што ги направи. Веќе нешто ново се гледа во Македонската радио-телевизија. Се гледа дека има нови ветрови, за разлика од претходниот, кој беше 15 години. Што уништи сè.

На новиот директор секоја чест. Јас искрено не го познавам човекот, но алал да му е.

Музика24: Доколку Вие денес ја имате одговорноста да го изберете македонскиот претставник за Евровизија, кои би биле трите клучни критериуми што мора безусловно да ги исполни? Што е поважно – извонредната песна, харизматичниот и подготвен изведувач или современиот сценски настап што може да ја направи Македонија конкурентна на европската сцена?

Григор Копров: Пред сѐ, треба да имаш изведувач од кој нема да се плашиш дали ќе пее фалш или не. Треба да може да ја отпее песната како што треба, затоа што 90 проценти од работата е токму тоа. Бидејќи јас продуцирам многу пејачи, ќе направам 30 тејка и од тие 30 ќе одберам еден за пејачот. Таков пејач не ни треба. Треба да има сигурност во себе, да биде навистина на едно високо ниво. А не да мјаукаат како што мјаукаат.

Потоа, пејачот треба да е подготвен и да знае да работи со одличен кореограф, да танцува ако тоа го бара самата песна. Да се претстави медиумски песната претходно, да има одличен видеоспот… Сѐ е тоа важно.

Музика24: Зад Вас стојат децении искуство во создавањето и следењето на македонската музичка сцена. Според Вас, каков музички жанр и каков современ звук треба да има песната што ќе ја претставува Македонија на Евровизија следната година, доколку сакаме да бидеме конкурентни и забележани на европската сцена?

Григор Копров: Тоа мора да е издржана песна. Без разлика дали ќе биде балада, дали ќе биде брза – каква и да е таа песна жанровски, секој што ќе ја слушне да рече: „Е, ова е тоа.“ Сè во границите на нашите можности.

Музика24: Кој совет би му го дале на идниот македонски претставник на Изборот за песна на Евровизија, имајќи го предвид Вашето долгогодишно искуство и познавање на ова натпреварување?

Григор Копров: Кој и да биде македонски претставник на Евровизија, јас му посакувам да има најдобра песна, тоа е најважно. Ако се распише конкурс, ние мораме да ги знаеме пејачите за кои би создавале, за да можеш да ја погодиш емоцијата, начинот на изразување. Секој пејач си е различен. И по гласовни можности, и по начинот на стајлинг… и по многу други нешта, секој е приказна за себе. Дали е предодреден за брза или бавна песна, каков темперамент има… многу фактори влијаат.

Музика24: По сето ваше евровизиско искуство, кога Македонската радио-телевизија ќе го објави конкурсот за избор на македонската евровизиска песна, дали повторно би го прифатиле предизвикот да бидете дел од тој процес? Доколку имате силна авторска идеја и вистински изведувач што може достојно да ја претстави Македонија, дали би се пријавиле и повторно би се натпреварувале?

Григор Копров: Имаш 10 возачи во државата, ама еден е на ниво на Шумахер. Ние сите и во оваа сфера имаме свој багаж. Овде се знае кој може, кој помалку може, а кој не може. Организаторот треба да ги обезбеди најдобрите композитори и најдобрите пејачи. Јас апсолутно ќе учествувам и подготвен сум, ако некој направи подобра песна, да му честитам. Си ја претставуваме државата.

Музика24: Според Вас, кој модел би бил најсоодветен за избор на македонскиот претставник и песна за Евровизија? Дали сметате дека е подобро да се избере еден изведувач, а потоа да се натпреваруваат повеќе песни во негова изведба, или, пак, да се организира национален фестивал на кој повеќе изведувачи ќе настапат со различни авторски композиции? Кој пристап, според Вас, има најголеми шанси да донесе квалитетен избор и достоен евровизиски претставник на Македонија?

Григор Копров: Сите модели се добри. Нема идеален начин. Ако е за повеќе изведувачи, тогаш организаторот треба да прави фестивал. Тоа, од една страна, е добро и позитивно, бидејќи ќе останат песните. Но, сепак, тоа е избор и работа на организаторот, само да не биде, како што велат Србите: „И по бабе и по стричевима.“

Кога ја претставуваш државата, син да ми е, ако не го бива онолку колку што треба да го биде, нема да го пуштам. Нека седи дома. Ние секогаш сме ги правеле тие грешки. Ја претставуваме државата. Не е срамота да си последен, срамота е да пуштиш неквалитет. По сила на нештата, некој ќе биде прв, некој ќе биде последен. Но, афирмацијата за државата е голема.

На пример, Италијаните го имаат Санремо, извесно време не учествуваа на Евровизија, па ете, повторно се вратија.


На крајот, останува Македонската радио-телевизија во наредниот период јасно да го претстави концептот според кој ќе биде избран македонскиот претставник за Евровизија 2027. Процесот треба да биде транспарентен, професионален и ослободен од какви било дилеми, за довербата на јавноста да биде целосно оправдана. Само така изборот ќе биде прифатен како легитимен, а вниманието ќе се насочи кон она што е најважно – квалитетна песна и достоинствено претставување на Македонија на европската музичка сцена.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: