Како што ексклузивно дознава музичкиот портал Музика24, еден од најреномираните македонски композитори, текстописци и музички автори Григор Копров, деновиве заминува за Белград, каде ќе реализира серија значајни средби поврзани со идниот развој на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.
Според информациите до кои дојде нашиот портал, на работните состаноци ќе се разговара за нови концепти, регионални партнерства и бројни новитети кои треба да бидат дел од фестивалското издание во 2027 година. Целта е Охрид Фест да направи сериозен исчекор и да понуди содржини и формати кои досега не биле реализирани на македонската фестивалска сцена. Во рамките на посетата, Копров ќе оствари средба и со Маја Раковиќ, сопственичка на Naxi Radio, најслушаното радио во Србија и едно од највлијателните медиуми во регионот. Предвидени се и средби со познати балкански музички имиња, како и со светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ.

Иако деталите засега се чуваат во тајност, информациите со кои располага Музика24 упатуваат дека организаторите работат на амбициозен проект кој треба дополнително да го позиционира „Охрид Фест – Охридски трубадури“ како еден од најзначајните музички фестивали во регионот.
А што точно се подготвува, кои ќе бидат новите содржини и кои познати имиња ќе станат дел од фестивалот, Музика24 ќе објавува ексклузивно во периодот што следува.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
