Македонската музика ќе биде во фокусот на овогодишниот новогодишен дочек во Скопје. Подготовките за најлудата ноќ во годината веќе започнаа, а според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, централниот градски плоштад ќе биде местото каде што граѓаните ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година со настапи на домашни музички изведувачи.
Иако имињата на артистите засега не се откриваат, веќе е потврдено дека музичката програма ќе биде доверена на македонски музичари, со што уште еднаш ќе се даде поддршка на домашната музичка сцена и ќе се понуди празнична атмосфера исполнета со добро познати хитови.
Во реализацијата на културно-забавната програма ќе се вклучи и Државната лотарија, која и оваа година ќе биде партнер во организацијата на новогодишниот настан. Од Градот најавуваат дека повеќе информации околу комплетната програма, изведувачите и останатите содржини ќе бидат соопштени во наредниот период.
Музика24 ќе продолжи да ги следи сите подготовки за новогодишниот спектакл во Скопје, а веднаш штом бидат официјално потврдени имињата на музичарите кои ќе настапат, ќе ве информираме за целосната програма на новогодишната вечер.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
