Во прв ред

„Зимска симфонија“ пристигнува во МОБ: Sarah Mace & The Girlzz подготвуваат празничен музички спектакл

Декември носи посебна магија, а оваа година таа ќе има и своја музичка симфонија. Sarah Mace & The Girlzz, заедно со Божиќниот оркестар, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, го најавуваат петтото издание на препознатливиот празничен проект „Зимска симфонија“, кој на 20 декември 2026 година ќе пристигне на сцената на Македонската опера и балет.

Овој пат публиката ја очекува нешто повеќе од класичен празничен концерт. Организаторите најавуваат музичко-сценско доживување со интерактивна приказна, раскошна оркестарска придружба и добро познати домашни и светски новогодишни хитови, во ново, празнично музичко руво. Во центарот на оваа музичка приказна се Sarah Mace & he Girlzz, вокалниот квартет составен од Ана Петановска, Калина Велковска, Теа Богатинова и Сара Мејс. Нивните вокални интерпретации, заедно со Божиќниот оркестар, ветуваат атмосфера во која музиката, емоциите и празничниот дух ќе се спојат во едно концертно доживување наменето за сите генерации.

По успешните концертни турнеи во изминатите години, проектот годинава за првпат ќе биде претставен во Македонската опера и балет, што му дава дополнителна сценска димензија и посебна тежина на ова декемвриско издание.

Зад организацијата стои „Евентум“, од каде што засега го најавуваат скопскиот концерт, но најавуваат и дополнителни датуми и настапи во други македонски градови во текот на декември. Годинешното издание добива и поширока општествена димензија преку поддршката од главниот партнер „Пелистерка“, која ја започна кампањата за подигање на свеста и запирање на фемицидот во Македонија. А празничните музички изненадувања очигледно нема да завршат со концертот. Сара Мејс најавува и ново музичко изненадување, кое наскоро треба да биде откриено, а засега го најавува со мистериозна снежна порака.

Едно е сигурно – декември добива уште една причина за музичко славење, а „Зимска симфонија“ ветува вечер исполнета со емоции, познати мелодии и вистинска празнична атмосфера.

Концертот ќе се одржи на 20 декември 2026 година во Македонската опера и балет, а билетите се веќе во продажба преку E-ticket.mk.

Можеби ќе ве интересира: