Балканленд

Baby Lasagna и Jerry Heil го објавија долгоочекуваниот дует „Meow“ (Видео)

Хрватскиот музичар Baby Lasagna и украинската пејачка Jerry Heil ја претставија својата прва заедничка песна „Meow“, придружена со официјален видеоспот. Со ова, конечно се оствари соработката што љубителите на Евровизија ја очекуваа уште од нивното запознавање на Изборот за песна на Евровизија 2024 во Малме.

Двајцата изведувачи оставија силен впечаток на Евровизија 2024, каде што Baby Lasagna со песната „Rim Tim Tagi Dim“ го освои второто место со 547 поени и беше победник според гласовите на публиката, додека Jerry Heil, заедно со Alyona alyona ја претставуваше Украина со песната „Teresa & Maria“, освојувајќи го третото место со 453 поени.

Песната „MEOW“ е создадена за време на тридневна музичка работилница во Стокхолм, каде што двајцата артисти работеа со авторките Joy Deb и Linnea Deb, познати по нивните бројни евровизиски хитови. Интересно е што Jerry Heil претходно со истиот тим ја создаде и песната „Catharticus (Prayer)“, која беше наменета за украинскиот национален избор Vidbir 2026. „MEOW“ носи интересен спој на два различни музички света. Поп-мелодиите и емоционалниот израз на Jerry Heil се испреплетуваат со препознатливата индустриска рок-енергија на Baby Lasagna, создавајќи сосема нов звук. Во песната се испреплетуваат англискиот, хрватскиот и украинскиот јазик, при што Baby Lasagna отпејува делови на украински, а Jerry Heil на хрватски јазик.

Темата на песната не зборува за идеална љубовна приказна, туку за однос исполнет со судир на карактери, борба за доминација и психолошка игра меѓу две личности кои не сакаат да се променат. Jerry Heil открива дека инспирацијата ја пронашла во симболиката на мачките, имајќи ја предвид големата љубов на Baby Lasagna кон овие животни, па токму затоа и песната го носи насловот „MEOW“.

Иако Marko Purišić (Baby Lasagna) признава дека вообичаено работи сам и дека на почетокот бил резервиран кон соработката, процесот на создавање на песната го опишува како исклучително природен и инспиративен. Тој истакнува дека Jerry Heil го охрабрила да остане верен на сопствениот музички идентитет наместо да се прилагодува на нејзиниот стил.

Видеоспотот за „MEOW“ е снимен во историската палата Јаблона, во близина на Варшава, под режија на Yuliia Lytynska. Инспириран од викторијанската естетика, спотот прикажува необична психолошка игра меѓу двајцата протагонисти, во која улогите постојано се менуваат, оставајќи ја публиката до самиот крај во неизвесност кој навистина ја контролира ситуацијата.

Инаку, ова е уште една интернационална музичка соработка за Baby Lasagna, кој претходно го сними и проектот „Eurodab“ со финскиот евровизиски претставник Käärijä, а песната ја изведоа и во финалето на Евровизија 2025 во Базел.

„Meow“ е достапна на сите дигитални музички платформи, како и на официјалниот YouTube канал, каде што заедно со песната премиерно беше објавен и нејзиниот видеоспот.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: