Дино Мерлин нема да настапи на сплитската Рива на 30 декември во рамките на манифестацијата „Адвент во Сплит“, откако градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, потврди дека договорот со еден од најпопуларните музичари од регионот нема да биде потпишан. Одлуката следува по неколкудневните реакции во јавноста и петицијата што ја потпишаа повеќе од 21.000 граѓани, кои побараа средствата предвидени за концертот да бидат пренаменети за набавка на PET/CT апарат за Клиничкиот болнички центар во Сплит.
На прес-конференцијата, Шута ги демантираше шпекулациите дека хонорарот на Мерлин изнесувал 300.000 евра. Според него, договорениот бруто хонорар бил 140.000 евра, додека менаџментот на пејачот понудил да покрие дел од продукциските трошоци. Сепак, како што истакна, одлучил да се повлече од организацијата за да не се создаваат дополнителни поделби во јавноста.
Од друга страна, менаџментот на Дино Мерлин соопшти дека договорената сума не се однесувала само на хонорарот на уметникот, туку ги опфаќала целиот тим и промотивната кампања. Според нив, со помош на комерцијални спонзори, трошокот за Градот требало да биде значително помал од бројките што се појавија во јавноста. Во нивното соопштение се наведува и дека продукциските трошоци кои се споменуваат не се поврзани исклучиво со концертот на Мерлин, туку со целокупната новогодишна програма на сплитската Рива, која ќе продолжи и без неговиот настап.
Менаџментот тврди дека договорот бил во завршна фаза и дека концертот претходно бил јавно најавен од градските власти. Поради начинот на кој е донесена одлуката, сметаат дека на Дино Мерлин му е нанесена сериозна репутациска штета, поради што случајот веќе го презел меѓународен правен тим кој ќе ги разгледа сите можни правни чекори. И покрај откажувањето на концертот на Дино Мерлин, новогодишната програма во Сплит ќе продолжи според планираното, а на 31 декември на Рива ќе настапат Јелена Розга и Јаков Јозиновиќ.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
